Линкови за пристапност

Македонски аналитичари за настапите на сегашниот и номинираниот за нов американски амбасадор во Македонија

Неодамнешната критика што амбасадорот на САД Пол Волерс ја упати на адреса на дел од политичарите во Македонија, како и настапот на новиот американски амбасадор на распит во Сенатот може да се толкуваат како свртување на американската дипломатија, смета професорот Денко Малевски.

„Ова е добра вест за сите оние кои се искрени поддржувачи на евроатлантските интеграции на Македонија, но воедно лоша за оние кои ги кочат овие процеси бидејќи тие ќе бидат изложени на притисок да се менуваат состојбите“, вели Малевски.

Според него, станува збор за отворена најава дека американскиот амбасадор ќе се "замеша" во внатрешните работи во Македонија, што, пак, се должи на фактот дека во политичкото тело на Македонија е идентификувана рана што може да загнои, а инфекцијата да се прошири на домашен, но и и на регионален план.

Ваквиот пресврт, смета професорот Малевски, треба да се набљудува како дел од пошироката стратегија на јакнење на ефикасноста на НАТО наспроти новата "Студена војна" што започна со Русија и што ќе потрае се` додека не се промени авторитарниот капитализам на Путин.

И аналитичарот Арсим Зеколи во настапите на американските дипломати препознава најава за промена на нивниот курс.

„Најинтересниот и најиндикативен момент од вчерашниот распит во Сенатот не е изјавата на Амбасадорот Бејли, туку на демократскиот конгресмен Крис Марфи `за назадувањето на демократските институции`. Тоа е клучниот момент, дава увид во критичките промислувања во Сенатот, Конгресот и администрацијата на САД за состојбите кај нас. Вториот важен момент кој сметам дека е повеќе од коинциденција е речиси истоветниот став на Стејт департментот, пренесен преку Бејли, и оној на Европската комисија, пренесен преку Петар Стано, коишто на идентичен начин и со зајакнат интензитет укажуваат на алармантната состојба со слободата на медиумите. На извесен начин, ова е жесток шамар за ДУИ и одговор на барањата од тнр. “писмено крило” на оваа партија за воведување цензура врз слободните и од нив независни медиуми, посебно оние на албански јазик. Третата порака од настапот на Бејли е интересно концпираната изјава дека `слободните медиуми, независното и непристрасното судство и транспарентната влада ја јакнат демократијата и промовираат економски просперитет`, со која како да се дава до знаење дека идните подршки на економските политики на оваа влада ќе бидат условени од ефективното исполнување на наведените предуслови“, смета Зеколи.

Зеколи во изјавата за Гласот на америка на македонски јазик потенцира дека вакиот курс на американската дипломатија не значи и отворена подршка за опозицијата.

„Но, она што исто така паѓа во очи, и кај изјавите на Волерс, и на Бејли, но и од други центри на одлучување, е забележителното отсуство на ставови поврзани со опозицијата. Тоа е исто порака која треба добро да ги замисли Заев, Тачи, Жерновски, зошто меѓународната заедница се воздржува да ги ословува како `демократска опозиција`, како што тоа се случува во други земји. Незадоволството на Вашингтон и Брисел со владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е веќе сосема јасно искажано, но чинам дека и двата центри не се воопшто оптимистички настроени ни кон опозицијата - од обата етнички кампуса. Сумирано, евидентна промена на курсот на САД и ЕУ не е кон земјата, туку кон државата. На извесен начин тоа е логична реакција на два клучни моменти. Првиот е промената на приоритетите на меѓународната заедница кои досега се базираа врз принципот `стабилност на сметка на демократијата`. Таа промена е одраз на исто така изместените приоритети на Груевски и Ахмети кои тој принцип го дегенерираа во приватни приоритети на `корупција на сметка на стабилноста`. Вториот момент е напуштањето на односот на Вашингтон и Брисел кон Македонија како изолиран случај и новиот однос на ставање на Скопје во регионален контекст и инклузивен склоп на извесните придвижувања. Досега Вашингтон ги сметаше како `безобразни но безопасни несташлуци` глаголивите испади на Орбан, Вучиќ, Груевски, Ахмети и Ердоган. Но по настаните во Украина и се` позагаточниот однос на Анкара кон случувањата во Ирак ги имаат алармирано центрите за одлучување дека можеби не станува збор единствено за локално насочен `популизам за гласови`, туку зародиш на една антидемократска трансверзала која може да го дестабилизира источното крило на НАТО и ЕУ“, наведува Арсим Зеколи во изјавата за Гласот на Америка.

Недамна, на еден јавен настап, амбасадорот Волерс оцени дека во Македонија има лидери што бараат краткорочни добивки за себе и за своите партии преку експлоатирање, наместо решавање на конфликт. „Ова е рецепт за неуспех на државата“, рече Волерс.

Од своја страна, Џес Бејли, дипломатот номинаран за нов амбасадор на САД во Македонија, на сенатскиот распит рече дека иако Македонија развила силни демократски структури, САД, ЕУ и - што е најважно - нејзините сопствени граѓани изразиле загриженост за слободата на печатот, независноста на судството и корупцијата.

Повеќе коментари

XS
SM
MD
LG