„Зборовите се многу евтини во Македонија и затоа најголемиот дел од нашиот проект ќе се спроведе преку перформанси и видеа продуцирани од младите. Целта на проектот е одржлив развој на климата на разбирање меѓу младите во средните училишта, но, и влијание врз нивните родители. Сакаме да поттикнеме јакнење на личниот код во однос на колективниот-етнички код, како и јакнење на капацитетите на средношколците за резистентност на влијанијата на политичките манипулации“, рече Александар Цветковски, претседател на невладината организација „Асоцијација за граѓанска толеранција и соработка“ – АГТИС, на презентацијата на проектот „Демистификација на меѓуетничките конфликти" во „Американското катче“ во Скопје.
На прес-конференцијата му претходеа младинскиот перформанс „Тепачка со перници“, во кој две групи средношколци иронично се осврнаа на манипулациите со младите за нивно регрутирање за учество во меѓуетничките инциденти и видео-перформансот „Рамковен автобус“, со кој, низ своевидна реакција соодветна на нивната возраст, се разголуваат опачините, причините и влијанијата врз чувствителните младинци, за да бидат инструментализирани и искористени за политички цели.
Проектот што го имплементира АГТИС со партнерските организации АДИ, МКЦ, ИРЗ, Зенит и Мултуетникум е насочен кон одржливо подобрување на меѓуетничките односи и на креативноста на младите, како и кон препознавање и реакција на манипулациите од политички карактер, а финансиран е од Амбасадата на САД во Македонија.
На прес-конференцијата говореа и универзитетските професорки д-р Беса Арифи и д-р Виолета Петровска-Бешка.
Професорката Арифи се задржа на важноста на меѓусебното разбирање за меѓуетничките односи во Македонија, наведувајќи го примерот на Универзитетот на Југоисточна Европа каде што работи, на кој наставата се изведува тријазично, на македонски, албански и англиски јазик: „Меѓуетничките односи поради нетолеранцијата и нетрпението се проблем и хендикеп. А различноста, преку споделување на искуства и знаења е само предност. Треба да се запознаеме без предрасуди, зашто човекот најмногу се плаши од непознатото! Треба да се негува инклузивноста“.
Професорката Петровска-Бешка, која со години е активна на полето на меѓуетничките односи, особено во образованието и преку „Центарот за човекови права и разрешување на конфликти“, се задржа на прашањето какво мултикултурно и мултиетничко општество е посакувано од граѓаните на Македонија, потенцирајќи дека не е доволна само коегзистенцијата на повеќе етникуми и култури, кои без доминантност на едните врз другите - се прифатени и почитувани, туку дека е неопходна меѓусебна соработка, корелација и интеграција. Таа потенцираше дека во Македонија се уште е на дело интергрупна („Ние“/„Вие“) комуникација, наместо интерперсонална комуникација и дека во коегзистенцијата во Македонија е на дело паралелизам, наместо интеграција. Според неа, со инсистирањето на интегрирано образование, може да се спречи понатамошен премин од паралелизам во сегрегација.
Како дел од проектот „Демистификација на меѓуетничките конфликти“ ќе функционира и Фејсбук групата „Млади, но не и глупави!“, на која самите средношколци, преку анкети, видео прилози и перформанси, ќе се борат со наследените стереотипи и обидите да бидат изманипулирани, а која во младешки дух беше најавена како место каде „ќе бидат кревани на клоци“ сите оние кои создаваат раскол меѓу младите.