Линкови за пристапност

Груевски: Опозицијата сака да ја редефинира државата


Пред неколку илјади граѓани од целата држава владејачката ВМРО-ДПМНЕ во Охрид стартуваше со својата изборна кампања

Лидерот на партијата Никола Груевски ја обвини опозиционата партија СДСМ дека спроведувала деструктивното сценарио кое имало за цел редифинирање на државата.

„Сценариото кое опозицијата две години го спроведува во државата е сценарио за редифинирање на државата и сценарио за воспоставување на нова држава, која кој знае како ќе заврши на крајот. Веќе на сите им е совршено јасно дека „бомбите“, протестите и шаторите и „Диво насеље“... се` било и се` уште е едно големо сценарио против нашата држава и ништо друго.Опозицијата наместо коректив на власта се претвори во симбол на деструкција во државата“, порача Груевски од Охрид.

Тој додаде дека народот на овие избори ќе им покажел на сите дека „не можело со сила, закани и уцени да се наметнуваат решенија кои немале подршка од народот“ и биле „спротивни на националните и државните интереси“.

„За иднината на овој народ и оваа држава одлучуваат само овие граѓани кои живеат во оваа држава, а не некој однадвор кој сака да ни скрои капа по негова мерка. Со нив може да има промени, но само на полошо, со промени на името без да се проговара и со воведување на двојазичност на целата територија и јасни и отворени сигнали и пораки за федерализација и коантониација на Македонија кој е последен чекор кон распарчување на државата“, кажа Груевски.

Груевски се осврна и на економските резултати на неговата партија и влада во изминатите години, зборувајки за економските политики во наредните четири години тој вети 70.000 нови работни места.

За Груевски овие избори ќе биле вистински референдум во која насока понатаму ќе оди Македонија.

„Изборот е помеѓу две алтернативи. Ова е избор помеѓу два концепти, помеѓу двајца кандидати за премиер, јас или Заев. Овие избори се одлука за се` што ви е важно вам и на вашето смејство, но се важни и за Македонија во која живее горд и достоинствен народ, кој е многу мудар и кој добро знае што се случуваше во изминатиот период, кој беше исполнет со проблеми, предизвици и вештачки наметнати кризи. Овие избори се референдум во каква Македоија сакаш да живееш“, кажа Груевски.

Во Охрид зборуваа и кандидатите за пратеници од Охрид, носителот во петтата изборна единица Антонио Милошоски, како и претставници на некои од коалиционите партнери на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори., помеѓу кои и Љубисав Иванов Ѕинго, претседател на Социјалистичката партија и Амди Бајрам, претседател на Сојузот на Ромите.

XS
SM
MD
LG