Линкови за пристапност

Американскиот „Црн петок“ - во Македонија


Првиот што се приклучи на ваквата традиција е трговскиот центар „Сити Мол“ во Скопје.

Македонија го нема Денот на благодарноста, но затоа од годинава доби „црн петок“, ден што во САД и Велика Британија следува по овој празник и се поврзува со огромни сезонски попусти и потрошувачко лудило. Првиот што се приклучи на ваквата светска традиција е трговскиот центар во Македонија, „Сити Мол“. Ретко која продавница во најголемата и воедно најатрактивната локација за купување во земјава, изминатиот петок не беше прекриена со плакати за попусти- 20, 30, 50 проценти.

„Овие попусти ни се организирани со цел да ги најавиме претстојните новогодишни и божиќни попусти. „Сити Мол“ за првпат се вклучува во оваа акција“, вели маркетинг-менаџерот, Дарко Панчевски.

„Време е и ние да се вклучиме во оваа традиција на попусти“, коментираат дел од купувачите, кои беа дел од оние кои попладневните часови на последниот работен ден од минатата недела беа дел од потрошувачкиот метеж. Иако во раководството на трговскиот центар се задоволни од интересот, кој главно бил за техничка стока и облека, што според нив е резултат на попустот, оние со кои разговаравме, главно, беа разочарани од понуденото. Велат, со попустот се добива само реалната цена на производот.

„Напишале “Black Friday“ а попустот е „цели“ 20 проценти. “Црн петок“ е само за нашите паричници.

„Подобрите брендови немаа попусти, а оние поскапите, нудеа попуст од 10%. Искрено, не ни очекував нешто повеќе, бидејќи далеку сме ние од тоа. Ако во САД ги видат нашиве попусти, ќе се изнасмеат. Попуст ли е од 5.000 денари, на 4.200 денари? “

„Каков “црн петок“, ова се очајни намалувања, колку да се рече дека има попуст. Вистински попуст е од 50 проценти, па нагоре“, рекоа дел од нашите соговорници.

За други пак, денот треба максимално да се искористи, особено ако намерата е да се купат повредни и поскапи работи.

„Ако човек има намера да купи нешто поубаво, се исплати. Попуст од 20 проценти на 5.000 денари, се цели 1.000 денари“, вели една од нашите соговорнички.

Иако сликата од македонскиот „црн петок“ ни оддалеку не наликува на она што го гледаме во американските продавници, сепак, самото сознание дека во петокот попладне сите патишта водеа кон “Сити Мол“, покажува дека на прагот е воспоставување нов тренд во Македонија. Од раководството на трговскиот центар признаваат дека не било лесно да се организира ваков настан, особено било тешко на тоа да се согласат сопствениците на продавниците. А токму од нив зависи колку ваквата традиција ќе заживее, како вовед во празничната магија.

XS
SM
MD
LG