Линкови за пристапност

Јавна седница на Апелациониот суд за Кежаровски

  • Синиша Станковиќ

Во исчекување на одлуката, новинарите повторно побараа ослободување на колегата

Апелациониот суд во Скопје денес одржа јавна седница на која ги разгледа жалбите на првостепените пресуди за таканаречениот случај „Ликвидација“, во кој меѓу осудените судии, адвокати и еден обвинител, е и новинарот Томислав Кежаровски, кој беше осуден на 4,5 години затвор за објавен текст, во кој, наводно, во 2008-та, открил идентитет на заштитен сведок, По пет години, Кежаровски беше уапсен, притворен и осуден во контроверзен процес, иако сведокот, претходно самиот на судење призна дека лажно сведочел под полициски притисок.

Според извештаите на новинарите кои присуствуваа на јавната седница, новинарот Кежаровски и денес потенцирал дека не е виновен и побарал укинување на казната, тврдејќи дека со неговите текстови не сакал да го открие идентитетот на заштитениот сведок, туку да разоткрие валкани игри во полицијата и истрагата. „Текстовите ги пишував воден од вистината, па затоа тврдам дека не сум виновен. Сите објавени информации се од јавен интерес“, изјавил Кежаровски.

А бранителот на новинарот, адвокатот Филип Медарски, потенцирал дека „првостепената пресуда претставува исклучителен удар врз слободата на изразување и е директна спротивност на праксата на Европскиот суд за човекови права“, како и дека воопшто не постои писмен акт со кој заштитениот сведок го добил статусот. Според него, „ова решение не е изведено и образложено во пресудата. Го молам Судот да ги прочита спорните текстови, за да се види дали навистина е загрозен идентитетот на сведокот. Доколку бил откриен идентитетот, зошто сведокот „Бреза“, по две години добил статус на заштитен сведок?“, прашал адвокатот.

И меѓународната и европската новинарска асоцијација пред суденњето инсиситираа дека "правдата и слободата мора да победат" и дека македонските власти мора да осигураaт дека сите "апсурдни обвиненија“ против новинарот Кежаровски ќе бидат отфрлени. Според претседателот на ИФЈ, Џим Бумела, „Кежаровски е неправедно казнет за бранење на својата професија и заштита на своите извори". Тој побара спроведување на правдата за „Томислав да може да излезе од овој кошмар како слободен човек". Покрај двете големи новинарски асоцијации, и „Репортерите без граници“, „Н-Ост“ и македонската невладина организација „Цивил“ побараа итно ослободување на Кежаровски.

„Повикуваме на итно ослободување на Кежаровски и бараме властите да ги отфрлат апсурдните обвиненија против него. Кежаровски направи една грешка: тој беше критички настроен кон македонските власти. Но, ние не веруваме дека тоа е грев. Напротив, Кежаровски е номиниран за наградата на Репортери без граници за 2014 за неговата храбра работа“, истакна извршниот директор на германските „Репортери без граници“, Кристијан Мир.

Македонија во 2009 година беше на 34-то место во светот, според состојбата со слободата на говорот и медиумите, а годинава е на 123-то место од 180 земји. И ЕУ во последниот извештај за напредокот, од октомври 2014. ги критикуваше македонските институции за односот кон независните медиуми и за злоупотреба на законите за клевета и навреда.

Вчера, Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски положи цвеќе во близина на Музејот на македонската борба, одбележувајќи една година од „Протестот со молк“, кога полициските специјалци не им дозволија на новинарите мирно да протестираат за ослободување на нивниот колега.

„Една година подоцна, повторно сме тука да потсетиме дека нашиот колега Кежаровски е сѐ уште во притвор“, порача членот на одборот, новинарот Зоран Димитровски, кој ги повика судиите „да судат според законот и правата, да се откажат од политичкиот притисок и да покажат храброст и професионалност и да донесат праведна одлука и да го ослободат нашиот колега“.

Претходно и претседателот на репрезентативното Здружение на новинарите на Македонија, Насер Селмани, ијзави дека ако „Кежаровски биде осуден, тоа ќе значи дека секој од новинарите е потенцијална мета за судско гонење... Не сакам да верувам дека по се` што се случи во Македонија, по ваков критичен извештај на Европската комисија, по постоењето на сериозна опасност да ја изгубиме препораката за членство во ЕУ, Апелациониот суд да донесе одлука со која сите овие работи ќе ги стави на страна и ќе ја потврди првостепената одлука за Кежаровски. Не би сакал да верувам и ако тоа се случи, ние мораме да бидеме подготвени на акција. Мислам дека ако сега како новинари не реагираме, така како што треба да реагираме, ќе испуштиме многу добра можност не само да одбраниме еден колега, туку да се одбраниме и себе си“, изјави Селмани

XS
SM
MD
LG