Линкови за пристапност

Македонија: Нов повик од новинарите за почитување на независноста на медиумите


На собирот на солидарност и барање за ослободување на Кежаровски присуствуваа и претставници на меѓународни асоцијации на новинари

„Македонските новинари овде се изложени на многу предизвици, но единствен начин да се успее е да се бориме без прекин…за подобри услови за новинарите, за медиумите, за слободата на изразување... “, рече во понеделникот вечерта, претседателот на Европската федерација, Мојенс Бјерегард, поздравувајќи ги присутните на „Солидарната вечер“, со која во Клубот на новинарите во Скопје, симболично му се даде поддршка на новинарот Томислав Кежаровски, кој веќе 18 месеци е во притвор и во куќен притвор.

Откако првостепено беше осуден на 4,5 години затвор за наводно објавување на идентитет на заштитен сведок. Кежаровски сега ја очекува одлуката на Аплеациониот суд на 24 октомври.

Претседателот на репрезентативната новнарска асоцијација – Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани, ги повика колегите да бидат подготевни за адекватна реакција на пресудата.

„Каква и да е одлуката, треба да сме подготвени да реагираме. Затоа, ве повикувам да бидеме будни и да реагираме така како што досега сме реагирале“, им порача Селмани на македонските колеги, пред претставниците на Меѓунарoдната федерација на новинари - ИФН и Европската федерација на новинари – ЕФН, колеги од десетина држави, кои учествуваат на дводневната регионална средба организирана од меѓународните асоцијации и од домаќините, ЗНМ и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија – ССНМ.

Вечерта беше испратена и видео порака за ослободување на Кежаровски во која новинари од разни држави, на својот мајчин јазик му изразија поддршка на осудениот колега и побараа исправање на неправдата и блокирање на сите обиди за загрозување на слободата за изразување.

Од регионалната средба беше испратен и апел до македонската Влада за запирање на притисоците врз медиумите и останатите форми на ограничување ан слободната мисла. Откако на прес-конференција претседателот на ЕФН, Бјерегард, потенцираше - „ќе го поддржиме Кежаровски, бидејќи нападот врз него е напад врз сите нас, врз нашата професија, ќе ги повикаме властите да прекинат со сите прогонства и притисоци“, новинарите од Европа и светот, чии организации претставуваат стотици илјади новинари од 134 држави, испратија десетина препораки до Владата на Македонија.

Во нив се бара усогласување на македонското законодавство со меѓународните норми за слобода на изразување и обезбедување негова праведна примена без дискриминација. Новинарите од светот инсистираат на преиспитување на „Случајот Кежаровски“, на запирање на сите притисоци и неприфатливи ограничувања на независните и критички настроените медиуми, на непристрасност на судовите и преиспитување на судските одлуки. Од македонските судии се бара дополнително едуцирање за соодветна примена на Законот за клевета и навреда, во согласност со меѓународните стандарди и пракси, а од од државните и партиски функционери во Македонија - воздржување од тужби против истражувачките новинари. Од македонските власти се бараат и гаранции за слободата на здружување на новинарите, како и целосна транспарентност на медиумските кампањи на Владата, со јасен јавен интерес заснован врз објективни критериуми.

На солидарната средба за новинарот Кежаровски немаше претставници од актуелната власт, иако еден од бардовите на македонското новинарство, коментаторот на „Утрински весник“, Ерол Ризаов, му испрати отворено писмо на претседателот на државата Ѓорге Иванов, во кое го покани на настанот. Меѓу другото, Ризаов му порача на претседателот: „... Сигурно, како универзитетски професор на Правниот факултет, знаете дека Кежаровски е осуден во нефер судење според закон под европските стандарди. Претседателе, должни сте, кога е во прашање угледот на државата, да се заложите да се отстрани она што ни нанесува срам во светот... Како претседател на државата оваа грижа за македонската демократија и македонските медиуми отпадна од вашата работна агенда, иако тоа ни го ветивте уште при првиот избор за претседател на Република Македонија“.

XS
SM
MD
LG