Линкови за пристапност

Во Македонија акција за подобрување на исхраната на децата

  • Соња Трајковска

Секое трето дете во Македонија е со зголемена телесна тежина, а 15 проценти од нив имаат сериозен проблем со дебелината.

Исхраната во македонските градинки и училишта ќе се менува. Црвеното светло за тоа каква храна јадат децата го вклучија анализите на Институтот за јавно здравје, кои неколку години во континуитет покажуваат дека секое трето дете во Македонија е со зголемена телесна тежина, а 15 проценти од нив имаат сериозен проблем со дебелината. Посебно алармантни се податоците дека зголемена тежина имаат дури 33,3 проценти од децата во градинките и првоооделенците. Висок процент на деца кои се соочуваат со дебелина има и кај постарите ученици - 28,2 проценти кај второодделенците, кај петтооделенците 31,5 проценти имаат прекумерна тежина, додека 1,6 проценти се соочуваат со дебелината како медицински проблем. Како „многу дебели“ се сметаат и околу 1 процент од средношколците.

„Оваа состојба е алармантна и затоа е потребно да се преземат засилени превентивни мерки со правилни насоки за исхрана и физичка активност, како и соодветен третман од матичниот лекар“, заклучиле лекарите во анализата.

Истражувајќи генерално, колку здраво се хранат возрасните, децата и учениците од сите возрасти, леакрите од Институтот дошле до податокот дека исхраната, всушност, „не ги задоволува во целост препораките за правилно избалансираната исхрана во однос на застапеноста на основните нутриенси, а нема ниту оптимално внесување минерали и витамини“. Ниту исхраната на учениците и студентите во ученичките домови не е со преодна оценка – заклучокот е дека таа не е испланирана според стручните насоки и норми, односно тие не внесуваат доволно свежи производи и овошје, зеленчук и риба.

Изминативе години, Министерството за образование повеќепати побара од добавувачите на храна во училиштата и градинките да се држат до стандардите за здрава исхрана, а беа покренати повеќе кампањи за подигнување на свеста за здравата исхрана. На една од нив, „Здрава храна за детство без маана“, покровител беше и сопругата на претседателот на државата, Маја Иванова. Македонија во мај годинава се приклучи на одбележување на Денот на револуција во исхраната на познатиот британски готвач Џејми Оливер, кога 300 деца од градинките и 100-тина ученици ја подготвија зелечуковата палачинка „Виножито“.

Но сепак, како револуционерен чекор во оваа насока може да се смета потегот на скопската општина Кисела Вода, која од оваа учебна година одлучи, нутриционист да се грижи за менито во сите основни училишта на нејзина територија.

„Општина Кисела Вода ќе биде првата општина која од оваа година на учениците ќе им се овозможи здрава храна во училиштата. По завршувањето на тендерската постапка за избор на фирми за подготовка на храната во училиштата, дадовме иницијатива во изготвувањето на храната да биде вклучен и консултиран нутриционист“, вели градоначалничката Билјана Беличанец-Алексиќ.

Целта на проектот не е само подобрување на исхраната на учениците, туку да се спречи дебелината и болестите што се поврзани со неа.

„Да се направи еден здрав и правилен режим на исхрана во кој ќе бидат присутни нутиритиви за јакнење на имунолошкиот систем на децата за да бидат поздрави и да немаат проблем со килограмите. Некои работи од претходно се отфрлени, а внесени се повеќе овошја и свежи салати и сета македнска кујна, што ќе биде адаптирана на детската возраст. Станува збор за деца од 6 до 11 години кај кои не само што ќе направиме промена што ќе конзумираат за време на 8- часовното присуство во училиштата во училишните денови, туку и преку едукативни програми ќе ги едуцираме, и нив и образовните кадри - од директор до одделенски наставник, и родителите“, вели нутриционистот Тања Турунџиева, која е ангажирана од општината да учествува во подготвување на менијата.

Уште пооптимистички звучат и најавите дека за првпат по една деценија, ќе се менуваат и менијата во градинките. Досегашните промени, главно беа инцидентни и резултат на желбите и упорноста на кадарот во градинките. Според Ѓорги Симовски, инаку, единствениот нутриционист вработен во Министерството за труд и социјална работа, паштетите и маргаринот, се исфрлаат од исхранатаи ќе ги заменат намази и храна што ќе се подготвуваат во кујните, без никакви конзерванси или вештачки засилувачи на вкусот. Јадењата ќе бидат подготвувани од свежи зеленчуци, овошје, млеко и месо, кои ќе се преработуваат единствено во кујните на градинките, според стандардите на Светската здравствена организација.

XS
SM
MD
LG