Линкови за пристапност

Денешните демонстрацци на незадоволство ги организираше т.н. Координативен совет против политички монтираниот процес Монструм

Како што и беше најавено на социјалните мрежи, по пладневната петочна молитва, и денес од пред џамијата „Јаја Паша“ тргнале неколку стотици демонстранти – етнички Албанци, во знак на протест против доживотните затворски казни за обвинетите од „Случајот Монструм“.

Бројните полициски сили немале потреба од реакција, зашто и денешните, како и минатонеделните протести, биле мирни, како што и најавија организаторите од таканаречениот „Координативен совет против политички монтираниот процес Монструм“.

Демонстрантите имале транспаренти на албански, македонски и англиски јазик, извикувале пароли за УЧК и за Голема Албанија и ги повикувале сите албански политички партии да бидат со Албанците, наместо „со оние кои го дискриминираат албанскиот народ во Македонија“.

Како што пренесоа медиумите на македонски јазик, лидерот на организацискиот одбор Бедри Ајдари, кој бил убеден дека протестите нема да наидат на политички ќорсокак, туку напротив, „нашите легитимни барања ќе бидат конечен излез од политичкиот лавиринт на неправдата кон невините Албанци“, меѓу другото, за порталот „Алмакос“ изјавил:

„Слободата како елементарно право на сите луѓе нема цена. Иако таа е гарантирана со закон, законите и власта ги злоупотребуваат оние кои треба да се грижат за тоа. На досегашните протести учествуваа граѓани од сите профили и општествени слоеви, со што јавно во име на семејствата им изразуваме благодарност за упорноста и волјата за целосното расчистување на монтираниот политички процес Монструм.“

На демонстрантите им се обратил и градоначалникот на Струга, Зијадин Села, кој според медиумите, ги повикал на мирни протести, но, и да го кренат гласот за ослободување на осудените лица. „Овие протести се за ослободување на осудените, но и за буџетот коj не донесе ништо корисно за Aлбанците“, рекол Села кој побарал и поддршка од албанските интелектуалци.

Барањата на прганизаторите на протестите остануваат исти: осудените да се прогласат за невини и да бидат ослободени, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска да поднесе оставка, да се разрешат јавната обвинителка и судијата во „Случајот Монструм“ и тие кривично да одговараат, како и приведените лица од протестите во Скопје и во Тетово да бидат пуштеии на слобода.

Според Ајдари, „ние сме многу силни кога сме заедно. Протестите за монтираниот случај Монструм нека бидат наша двојна победа. Од една страна, ослободувањето на нашите невини затвореници, а од другата страна, националното единство на Албанците во Македонија“

Денес основниот суд во Тетово им изрекол условни казни на осуммина обвинети за учество во протестите во Тетово за стореното кривично дело - учество во толпа што ќе изврши кривично дело, а на другите двајца од обвинетите, ќе им се суди редовна постапка за напад врз службено лице, но и ним им е укинат притворот.

Повеќе коментари

XS
SM
MD
LG