Линкови за пристапност

Пеинтер: Македонија заслужува да биде членка во НАТО

  • Соња Трајковска

Сепак, гостинката од САД кажа дека спорот со името е пречката што ја стопира Македонија да стане дел од Алијансата и дека тоа е голема штета

Македонија заслужува да биде членка во НАТО, и според критериумите и според ангажманот. Оваа порака уште еднаш властите во Скопје ја слушнаа од американски експерт, член на Бордот на Американскиот комитет на НАТО и ко-основач и главен оперативен офицер на „Blue Star Strategies LLC“, Сали Пеинтер.

Таа денеска одржа предавање на Воената академија во Скопје посветена на претстојниот НАТО самит во Кардиф, насловен „Стратегија за проширување и искуства од претходните самити“.

„Почитувајќи ги вредностите на Европа и принципот дека Европа треба да биде единствена, цела и слободна, а од друга страна, со оглед на глобалната криза и конфликтите што постојат во овој момент, сметам дека спорот со името е пречката што ја стопира Македонија да стане дел од Алијансата и тоа е голема штета. Треба да се вложат големи напори за Македонија да добие покана“, рече Пеинтер.

Таа не ја исклучува можноста Македонија да стане дел од Алијансата по примерот на Бугарија и Романија, со политичка одлука.

„Предизвиците постојат, меѓутоа лидерите можат да се состанат и да донесат поинаква одлука, затоа всушност и се одржуваат самитите на НАТО. Можност постои и она што е важно е таа можност да не се пропушти. Сите треба да работиме на тоа за да дојдеме до крајната цел“, смета американскиот експерт за одбранбени и безбедносни прашања.

Таа не ги крие очекувањата, на претстојниот самит во Кардиф, Македонија и официјално д астане членка на НАТО, но за тоа, според неа, клучен е ангажманот на сите.

„Овие одлуки не се лесни, но мора сите да се ангажираат за да се постигне напредок и да се претвори самитот на НАТО во Кардиф во Самит на проширување. Треба сите да работиме на тоа и не треба да се откажеме. Би сакала да видам и повеќе ангажирање од Македонците за ова конкретно прашање“, рече Пеинтер, одговарајќи на новинарско прашање.

Бидејќи проблемот со Грција за уставното име и натаму е главна пречка за останувањето на Македонија надвор од Северноатлантската алијанса, и во контекст на најавената посета на медијаторот во преговорите, Метју Нимиц, министерот за одбрана на Македонија и доскорешен преговрач Зоран Јолевски, рече дека Македонија е определена да продолжи со тој процес, притоа барајќи тој и да се интензивира, за што поскоро да се најде заедничко прифатливо решение коешто ќе го заштити идентитетот и интегритетот на македонските граѓани.

За два дена, ова е втора посета на американски претставник, со јасни ставови за поддршка од САД за членството на Македонија во НАТО.

Во својата кариера, Сали Пеинтер работела на високи позиции во Владата на САД и во големи приватни корпорации. Работела во областа на одбраната и безбедноста во Централна Европа, особено во претставувањето на дел од земјите во нивната намера за членство во НАТО и Европската унија. Пеинтер работела и на многу важниот закон во САД за ослободување на визниот режим со седум земји од регионот. Раководела и голем број проекти, а била и на позицијата виш советник за повеќе глобални НАТО самити, како Самитот во Вашингтон, во Прага, Истанбул и Рига.

XS
SM
MD
LG