Линкови за пристапност

Ахмети бара меѓународна експертиза за пресудата по „Монструм“

  • Борјан Јовановски

Лидерот на ДУИ се сретна со амбасадорот на САД, во Тетово

Ескалацијата на тензиите предизвикани од пресудата за случајот „Монструм“ беше повод за денешната двочасовна средба на лидерот на ДУИ, Али Ахмети со амбасадорот на САД, Пол Волерс, во Тетово.

По средбата Ахмети рече дека секој има право да протестира, но подвлече дека насилство не му помага ниту на судскиот процес „Монструм“, ниту на меѓусебните односи во државата. Овие коментари Ахмети ги даде по средбата со амбасадорот на САД, Пол Волерс, во седиштето на ДУИ, во Речица.

Ахмети и Волерс изразија загриженост за настанатата ситуација, каде според Ахмети, граѓаните треба да им отстапат место на институциите и на политиката за да менаџираат со случувањата. Ахмети изрази сомнеж околу процесот „Монструм“, кој сега е во жалбена постапка и соопшти дека ќе бара повторно набљудување од странците околу целата постапка.

„Исто така, амбасадорот на САД го известив дека ДУИ ќе бара мониторирање од меѓународни и домашни експерти, со целосен пристап на целиот процес, за јавноста да биде информирана потранспарентно“, додаде Ахмети.

Досега процесот беше набљудуван и од мисијата на ОБСЕ, која не изнесе свој став во јавноста. Единствен заеднички став на ОБСЕ, Канцеларијата на ЕУ и на Американската амбасада беше за воздржување од насилство при протестите, бидејќи секој инцидент можеше да ја ескалира ситуацијата за политички или за лични придобивки.

XS
SM
MD
LG