Линкови за пристапност

ВМРО-ДПМНЕ го обвинува претседателот на ЗНМ


Продолжува острата преписка меѓу власта и репрезентативното новинарско здружение

„Насер Селмани очигледно има намера со своите ставови само да подгрева меѓуетничка нетрпеливост и да предизвикува конфликти. Селмани се служи со манипулации, бидејќи Никола Груевски во ниту еден момент во изборната кампања за последните парламентарни избори не побарал гласови за да спречи уцени од Албанците, туку бараше гласови за да спречи политички уцени од политичката партија ДУИ“, се вели во соопштението на владеачката партија, во кое се реагира на пост на Фејсбук-прифилот на претседателот на Здружението на новинарите на Македонија.

Како своја реакција на претходно соопштение на ВМРО-ДПМНЕ во кое партијата тврдеше дека „никогаш не би си дозволила да бара или да врши притисок на суд или судија за било што, а најмалку за некои луѓе да бидат осудени на доживотен затвор, а при тоа да се невини или да нема докази дека се виновни“, Селмани на ФБ напишал: „Арно ама, нас уште не` држи добро памтењето. Нели, нивниот лидер во изборна кампања побара од македонските гласачи да му дадат 62 пратеници за да не дозволат ДУИ и Албанците да го уценуваат? Или, можеби, и овој начин на комуникација со јавноста, според ВМРО-ДПМНЕ, значи потикнување на соживот и меѓуетничка хармонија. Ептен голем лајк за ова“.

Во острата реакција, ВМРО-ДПМНЕ порача: „Ако со вакви измислици и конструкции, Селмани ги одработува сомнителните финансии кои ги добива ЗНМ, тогаш нека му служи на чест. Ако пак, се работи за лична убедување, тогаш докажува колку е потребно инвестирање во стандардите во новинарството, имајќи предвид дека една личност со ваков капацитет е дури претседател на едно од здруженијата на новинари“.

На обвинувањата од ВМРО ДПМНЕ претседателот на ЗНМ, Селмани излезе со одговор во медиумите: „Кај нас нема никакви сомнителни пари, нас со проекти не` подржуваат амбасади од земјите на ЕУ, како што се француската и британската амбасада. Владите на овие пријателски земји во изминатиот период имаат финансирано и разни владини проекти. Како е можно парите од овие држави дадени на Владата, да не се сомнителни, но ако се дадат за подршка на ЗНМ, тогаш се сомнителн?! Срамно е владеачката ВМРО ДПМНЕ да нема друга попаметна работа, туку да се занимава со едно здружение.“

Ова не е прва остра преписка меѓу Селмани и ЗНМ од една, и властите од друга страна, особено по обидите новосоздаденото новинарско здружение - Македонска асоцијација на медиуми, во провладините медиуми да се изедначи со репрезентативното новинарско здружение, пред донесувањето на контроверзниот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Законот мнозинството во Собранието го донесе кон крајот на минатата година и покрај рекациите во новинарскиот еснаф и во дел од јавноста, но минатата недела, ЗНМ и власта повторно ги вкрстија копјата и околу обидот на владеачката ВМРО-ДПМНЕ - по итна и скратена постапка на дневен ред на собраниска седница да се најдат измение во Законот, со кои ЗНМ ќе го изгуби едното место во Програмскиот совет на јавниот сервис Македонската радио-телевизија, кое сега треба да му припадне на второто здружение – МАН.

Тогаш, Селмани изјави: „Очигледно ние не им влегуваме во нивната шема, очигледно дека имаат симпатии за другото здружение и практично проблем им се нашите ставови, начинот на нашето дејствување и нашите политики“.

Најновата реакција на ЗНМ во однос на постапките на власта беше по повод приведувањето на Бесим Ибраими, млад новинар-практикант на весникот на албански јазик „Лајм“, под сомнение дека учествувал во саботните немири пред скопската општина Чаир. По реакциите на Селмани и на уредниците на "Лајм" кај странските претставништва и мисии, Ибраими беше ослободен, но претходно во медиумите беше објавен став на МВР, дека „ЗНМ не доставило никакви докази до нив во врска со конкретниот случај и дека без разлика на функцијата, сите кои што го прекршиле законот ќе одговараат согласно пропишаните мерки“.

По излегувањето од полициска станица во која минал 24 часа, за „Цивил Медиа“, новинарот Ибраими изјави дека од полицијата бил третиран на нечовечен начин, како и дека му биле ставени лисици, бил влечен и навредуван на национална база. Тој ги отфрлува обвинувањата на МВР дека бил дел од толпата демонстранти, дека фрлал со камења, го криел лицето со блуза.

По повод апсењето на Ибраими, во денешеното соопштение на ЗНМ се вели дека се работи за „многу опасен преседан, новинари, кои следат протести, што се настани од висок јавен интерес, да се приведуваат под обвинение дека учествувале во нарушување на јавниот ред и мир. Новинарот Ибрахими се затекнал на местото на настанот, затоа што таму бил на професионална задача по налог на уредникот да ги следи протестите“.

Управниот одбор на ЗНМ изразува сериозна загриженост што во Македонија „се воспоставува една крајно недемократска пракса многу лесно да се приведуваат новинари без да се обезбедуваат цврсти докази“. ЗНМ ја поздравува одлуката на судијата во претходна постапка, за одбивање на барањето на обвинителот за определување мерка притвор за новинарот.

XS
SM
MD
LG