Линкови за пристапност

Ценовен шок за македонските граѓани

  • Соња Трајковска

Официјалните статистички податоци во Македонија покажуваат дека повеќе од две третини од месечните приходи се трошат за исхрана и за комуналии.

Наместо температурен, граѓаните во Македонија годинава во јули доживејаа ценовен шок. Бранот поскапувања го поттикна цената на електричната енергија, па потоа на бензините, во меѓувреме поскапеа и цигарите, а кругот го затвори цената на лебот. Но само привремено, бидејќи вистинскиот ефект од јунскиот ценовен скок, според експертите, ќе се почувствува наесен, кога ќе се потрошат резервите во овие неколку летни месеци.

Секое зголемување на цените, се одразува на врз животниот стандард, а кога тоа е на повеќе производи истовремено, може да се спореди со цунами, посебно во семејствата со пониски примања, сметаат експертите.

„Дополнително ќе го снижи стандардот и куповната мок и ќе го оптовари семејниот буџет. Граѓаните се тие кои се важни, и за буџетот, заради данокот, но и затоа што се им потребни на бизнис операторите, тие постојат заради потрошувачите. Тука мора да се направт добри калкулации и некако да се спречи понатамошниот бран поскапувања, смета Маријана Лончар од Здружението на потрошувачи, додавајќи дека поскапувањата ќе предизвикаат намалување на потрошувачката и свртување само кон понеопходните, а поевтини производи.

Но поскапувањето на струјата за 3,47 проценти најдиректно се почуствува врз главниот прехранбен производ - лебот. Пекарниците веднаш вкалкулираа дополнителни 2 до 3 денари во неговата цена. Токму ова, за Движењето за социјална правда „Ленка“, е доказ дека многумина ваквата ситуација ќе ја искористат за заработка без реална основа.

„Лебот е една од клучните прехранбени единки на македонското семејство и неговото поскапување не може да нема ефект врз животниот стандард. Тие ќе сакаат да го користат како изговор поскапувањето на струјата, особено како оправдување на своите поскапувања кои далеку повеќе се изговори и користење на момент, отколку што се реални“, вели политикологот Здравко Савески од „Ленка“.

Официјалните статистички податоци во Македонија покажуваат дека повеќе од две третини од месечните приходи се трошат за исхрана и за комуналии. Потрошувачката кошничка за четиричлено семејство, во мај чинела 32.134 денари, од кои 74 отсто за храна и сметки, а остатокот за хигиена, превоз, лекови, облека и обувки. Но, истовремено, просечната месечна исплатена нето-плата е 21.175 денари. Околу 65 илјади граѓани живеат и ги прехрануваат своите семејства со минимална плата од 8,050 денари.

„Претерано е, со една работничка плата не се живее повеќе“, вели жителка на Скопје.

„За загрижување е, особено за младите брачни двојки, па и оние кои имаат дечиња,

имајќи ги предвид платите“, смета една пензионерка.

„Зошти не ги покачуваат платите, туку само цените“, прашува еден повозрасен работник.

„Со пензија од околу сто евра не знам како ќе се плаќаат сметките“, коментира жител на Скопје, кој од неодамна е пензионер.

Според последното мерење на Еуростат, цените во Македонија изнесуваат 47 отсто од европскиот просек, со што Македонија е во групата земји со пониски цени во однос на регионот и Европа, но истовремено Македонија е и во групата на земји со најнизок стандард – 35 отсто од европскиот просек.

Министерот за економија Беким Незири вели дека се следи трендот поскапувања и паралелно се преземаат мерки за ублажување на последиците врз животниот стандард.

„Министерството за економија во континуитет ги следи сите случувања поврзани со поскапувањата и се обидуваме на директен или на индиректен начин да придонесеме тие поскапувања да бидат во рамки на тоа да може секој граѓанин да ги издржи. Во таа насока Владата во континуитет носи пакети на мерки за помош на социјално ранливите категории на граѓани“, изјави тој.

За првиот човек на Народната банка на Македонија, Димитар Богов поскапувањата биле очекувани.

„Овој пораст ние го предвидовме до некаде, така што тој е вграден во нашите проекции и нема воопшто да ги промени нашите проекции за оваа година“, вели гувернерот Богов. Од оваа институција не очекуваат пораст на инфлацијата годинава, која би изнесувала еден процент. Тоа го темелат на податоците дека во април и мај инфлацијата била негативна, односно имало дефлација.

Истражувањето за песонална инфлација на Центарот за економски анализи од Скопје покажало дека речиси 81 процент од пензионерите во земјава се откажуваат од одредени производи за да можат да ги издржат поскапувањата. Кај академските студентите тој процент е уште повисок- 89 отсто од нив за можат да преживеат се откажуваат од болничките услуги, туристичките патувања и посетата на театри, концерти и кина. Во услови кога две третини од платата се троши комуналии, храна и облека, таквиот живот тешко дека може да се нарече квалитетен, сметаат експертите.

XS
SM
MD
LG