Линкови за пристапност

Започна судскиот процес Груевски против Заев

  • Борјан Јовановски

Денеска започна судскиот процес Никола Груевски против Зоран Заев кој привлече огромно медиумско внимание.

Груевски го тужи Заев за клевета во врска со аферата позната во јавноста како „Македонска банка” и бара отштета од 500.000 евра.

Груевски не се појави на судењето, за разлика од Заев, кој присуствуваше со шест адвокати на рочиштето, кои на нивно барање, добија одложување за 3-ти јули.

Шестчлениот адвокатски тим на Зоран Заев пред отпочнување на судскиот процес најпрво побара од судијката Весна Калковска тонско снимање на процесот, а потоа и да го одложи судењето се` до конечно завршување на кривичната постапка, која во обвинителството беше поведена токму против Никола Груевски.

Пред самиот старт на најскапиот судски процес во кој учествуваат политичари, адвокатот Медарски на судот и на правниот застапник на Груевски, адвокатот Никола Додевски, им подели поднесок на стотина страници. Според објаснувањето на Медарски, станува збор за докази, но и вештачење на телефонскиот разговор во кој се договара продажба на Македонска банка и според кое гласот на еден од „договарачите“ е токму на премиерот Груевски.

Во образложение на поднесокот, Медарски рече дека се работи за докази кои се доставени до Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција

„Бараме оваа постапка да се прекине се` до правосилно завршување на кривичната постапка која беше иницирана на 22 април оваа година, а судот да се произнесе по нашето барање“, изјави адвокатот Филип Медарски, еден од адвокатскиот тим на Зоран Заев.

Судот не донесе решение какво што бараше одбраната на Заев, но затоа одлучи за 3-ти јули да го одложи подготвителното судско рочиште со образложение дека адвокатите на лидерот на опозицијата поднеле обемен доказен материјал што треба да биде проучен.

Адвокатот на тужителот Груевски, Марјан Додовски, рече дека е подготвен да одговори на материјалите кои беа доставени и побара да не биде одложено рочиште. Сепак, по долги препирања меѓу адвокатите, е донесена одлука за одложување.

Со оглед на тоа што судот веќе донесе решение за одложување, односно за одржување ново подготвително решение, на адвокатот Додевски му остана да ги приложи доказите со кои се тврди дека Зоран Заев го наклеветил неговиот штитеник.

Случајот Македонска банка беше отворен на 17-ти април, со презентирање на аудио- снимка, која ја објави Заев, а на која се слуша телефонски разговор на кој се договара земање кеш од 1,5 милиони евра од газда Нини од продажбата на Македонска банка, и тоа од страна на Груевски. Според Заев се работи за телефонски разговор на Груевски со друго лице, што претставува несоборлив доказ за коруптивно дело на премиерот.
XS
SM
MD
LG