Линкови за пристапност

Македонија: Разводот како социо-патолошка појава


Воведувањето на Семејни студии на Фолозофскиот факултет предизвика жешка полемика во академските кругови

Иако Македонија спаѓа во земјите со мал број на разводи, разводот одамна не е табу тема во земјава. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека во првото тримесечје на 2014 година, нивоит број бил 576, додека на склучени бракови 2.597. Но оваа тема деновиве предизвика жестока дебата, посебно во академските кругови, откако и официјално од оваа академска година на Филозофскиот факултет се воведуваат Семејните студии. Најголема бура се крена по објавувањето на наставната програма, каде како цели на предметот Семејството и општествените девијации, се наведува:

„Запознавање на студентите со содржини кои се поврзани со општествените девијации и современото семејство. Содржините посебно ќе бидат насочени кон стекнување на знаења за социо-патолошките проблеми (алкохолизам, зависност од дрога, развод на брак, хазардни игри, убиства, самоубиства, корупција, хомосексуализам) и улогата на семејството во спречување и сузбивање на општествените девијации“.

За многумина професори и експерти, сместувањето на разводот во групата на социо - патолошки појави како што се алкохолизмот, насилството, комарот е во најмала рака регресивно. Но за професорката Татјана Стојаноска Иванова, која ќе го предава овој предмет се работи за погрешна интерпретација на содржината на предметот „што е резултат на нестручност и неедуцираност“.

„Разводот не е општествена девијација ниту социо патолошка појава, ниту пак личностите коишто се развеле се социопати. Како личност што се занимава со ова, како социолог, ќе кажам дека се покажа едно фрапантно, флагрантно непознавање на проблематиката, се гледаше само формата, а не содржината и се изнесоа толку невистини, што покажува одредена неедуцираност. Кога станува збор за општествени девијации или социо - патолошки појави, тие се однесувата на општеството, а додека во случајот на социопатите станува збор за структура на личноста. Значи, не само што не коегзистираат, туку овие два поими се апсолутно непоимливи“, вели Стојаноска Иванова.

Таа објаснува дека и на светско ниво, од познати и признати социолози, разводот на брак се проучува во рамките на социо-патологијата на општетствени девијации, бидејќи едни од клучните причини за развод на брак се такви девијантни појави како алкохолизам, зависност од дрога, насилство и хазардни игри. Она што денес се води како дебата на социјалните мрежи токму по ова прашање, за професорката Иванова на некој начин ја истакнала „насушната потреба за воведување семејни студии“, бидејќи се работи за „извртување на фактите“.

За невладината организација „Женска Алијанса“ се работи за дискриминирачки пристап.

„Сместувањето на разводот во социо-патолошки проблеми е директен атак врз правото на слободна волја и расудување, дали сопружниците ќе решат индивидуално или заеднички да излезат од брачната заедница поради одредени причини. Ова право е загарантирано со меѓународното право, но и со националната легислатива во Законот за семејство“, се вели во нивната писмена реакција.

Тие бараат од Комисијата за заштита од дискриминација да наложи корекција на оваа грешка или превид од страна на креаторите на студиската програмата.

Но некои експерти и професори, сметаат дека не само што е проблематичен ваквиот приод кон разводот, туку проблематично е целокупното воведување на Семејните студии, во услови кога Родовите студии на истиот факултет повторно се ставаат во мирување. Гласилото на студентската заедница „Излез“, во барањето одговор на прашањето „Зошто не за семејни студии?“, објави ставови на повеќе експерти, професори и јавни личности во земјава. Во еден од ставовите, Катерина Колозова, професорка по родови студии на повеќе факултети во Македонија и во странство вели дека „семејните студии онака како што се замислени, имено да ни ја откриваат „вистината за вистинската стварност“ (тавтологијата е намерна), наликуваат на проповедничка религиозна агенда и немаат ништо зедничко со некаква научност, барем не онаква каква што ја знаеме од европското просветителство во 18 век, па наваму. Конечно, оваа дисциплина не постои никаде во етаблираните академски дисциплини. Семејството се истражува од родов, социолошки или психолошки аспект, но само по себе никаде не претставува темел за воспоставување интегрална академска дисциплина“, пишува професорката Колозова.

Професорката на Филолошкиот факултет, Маја Бојаџиевска се сомнева дека во ова вмешала раце и конзервативната идеологија на владејачката политичка партија.

„Вака конципирана наставна програма го води студентот кон едно сознание: дека постои една ригидна норма, а сè што е надвор од нормата е проблематично, непожелно и одбивно, така што еден е чекорот до отворањето на можноста и за санкционирање на „ненормираноста“, вели Бојаџиева за порталот „Плусинфо“.

А министерот за образование во заминување, Спиро Ристовски, пак, одлуката е донесена од автономна образовна инстутуција, а не од Владата.

„Ние како Влада имаме дефинирано јасен став за одредени политики и тоа не би го поврзувал во никаква насока со конретниот дел од наставната програма на овој факултет“, изјави Ристовски.
XS
SM
MD
LG