Линкови за пристапност

Македонија: Апели за смирување на тензиите

  • Синиша Станковиќ

Реакции по повод убиството на 18-годишниот матурант Ангел Петковски

На гробиштата во скопската населба Ѓорче Петров денес беше погребан 18-годишниот Ангел Петковски, матурант во тетовското медицинско уличиште, кој во понеделникот беше убиен со нож, откако со татко му го бркале крадецот кој го украл нивниот велосипед. Убиството за кое уапсен Н. Е. (19), кој според министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и`е познат на полицијата, како сторител на имотни деликти и против кого МВР поднесе кривична пријава до Основното обвинителство, предизвика реакции во етнички македонскиот дел на јавноста.

Во населбата Ѓорче Петров, два дена имаше жестоки немири на повеќе локации. Според полициски извори имало неколку повредени полицајци и неколку оштетени полициски возила, биле приведени 27 лица, меѓу кои и неколкумина малолетници, поднесени се 35 прекршочни пријави, а според порталите, кои услови на делумна информативна блокада на провладините медиуми најмногу известуваа од лице место, на камењата на демонстрантите, специјалците одговориле со шок-бомби. Демонстрантите запалиле и демолирале неколку локали. Според полицијата, учесниците на протестите главно биле млади луѓе на возраст од 15 до 18 години, меѓу кои имало и припадници на навивачки групи, а дел од маскираните лица со „фантомки“ имале и безбол палки.

Портпаролот на МВР Иво Котевски, вчера апелираше граѓаните да не подлегнуваат на никакви провокации и да не дозволат да бидат вовлечени во поголеми инциденти.

„Апелираме и медиумите да работат строго професионално и да не објавуваат непроверени и неточни информации кои можат да нанесат непроценлива штета со оглед на ситуацијата во која се наоѓаме“, рече Котевски.

Полицијата се` уште не го пронашла предметот (ножот) со кој е извршено убиството, но медиуми на албански јазик ја пренесоа изјавата на адвокатот на Н.Е, (која попладнево ја пренесоа и дел од порталите на македонски јазик), дека осомничениот го признал убиството, но тврдел дека го извршил во самоодбрана и дека ножот не бил негов, туку на убиениот. Осомничениот Н.Е. тврдел дека и самиот добил исеченици по рацете, дека го одзел ножот од убиениот и потоа го извршил убиството.

Вчера немаше реакции од политичките партии, а денес, во познатиот манир на префрлување на одговорност, почнаа и првите меѓусебни обвинувања на најголемите македонски партии во власта и опозицијата ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, за одговорноста за актуелните случувања. СДСМ најпрвин повика на претпазливост и воздржаност, но откако беше обвинета од провладините медиуми дека дел од припадниците на навивачките групи имале поддршка од опозицијата, ја проблематизираше и полициската интервенција.

Тоа предизвика реакција на МВР:

„СДСМ повторно го покажа своето вистинско лице и удри жестоко по државните институции, ставајќи се во поддршка на поединци и групи кои доаѓаа да каменуваат, палат и уништуваат“.
Демократската унија за интеграција изрази сочувство до семејството на убиениот Петковски и упати апел граѓаните смирено и воздржано, заедно со институциите да придонесат кон враќањето на редот и безбедноста.
„Во вакви моменти е потребен придонес за да го сочуваме богатството наследено и негувано со децении“, сметаат во ДУИ.

Претседателот на Достоинство, Стојанчо Ангелов, преку социјалните мрежи побара да не се шири омраза:

„За искажување револт и преземање општествена акција, но на цивилизиран начин, време има! И, внимавајте! Ангел не го убија Албанците, туку го уби Н.Е. Убиецот–злосторник е тој што треба да биде сурово казнет! За, на ваквите злосторнички напади да им се стави крај.“

Лидерот на НСДП, Тито Петковски, пак, на прес конференција изјави дека настаните во Ѓорче Петров покажуваат дека актуелната власт не може да обезбеди соживот меѓу Македонците и Албанците.

„По примерот на Ѓорче Петров, македонската јавност може да се увери кон што води националистичката и шовинистичката политика на Никола Груевски и Али Ахмети, демонстрирана за време на предизборната кампања на последните избори. Заслепени од желбата да останат и да ја зголемат сопствената власт и моќ, свесно ги турнаа Македонците и Албанците во постојан конфликт и меѓуетнички тензии“, рече Петковски.

Во изјавата за за Дојче Веле, професорот Ферид Мухиќ, меѓу другото рече:
„Таму каде што има нивни и наши, никој не ја гледа целата вистина и ништо не е заедничко. А таму каде што никој не ја гледа целата вистина и каде што ништо не е заедничко – нема ни луѓе. Оти луѓето стануваат луѓе, дури откако во секој друг и во сите други, ќе видат човек. И народот станува народ, откако во секој што живее во истата држава со него, ќе види сонародник и како сонародник ќе го прифати. Во трагедијата страдаа двајца млади луѓе, двајцата жители на Македонија .... а сепак како никогаш да не живееле во иста држава, во ист град, во дел од градот, како да не биле врсници“.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје го споделува жалењето по повод неодамнешната трагична загуба на животот на младиот човек во Ѓорче Петров што беше проследено со две ноќи нереди.

„Ги следиме случувањата со зголемена загриженост“, рече шефот на мисијата, амбасадорот Ралф Брет.

„Ние разбираме дека властите го истражуваат злосторството, па затоа е од клучно значење да ги оставиме истражните и судски органи да ја завршат својата работа. Солидарноста со семејството на жртвата, треба да надвладее над насилните протести и уништувањето на имотот. Во изминатиот период граѓаните на оваа земја ја демонстрираа својата способност да се обединат во време на страдање. Апелираме сите да ги усвојат овие вредности. Не треба да има колективна одговорност од страна на било која заедница за делата на една индивидуа“, рече амбасадорот.
XS
SM
MD
LG