Линкови за пристапност

Нови обвиненија против премиерот за наводен криминал

  • Синиша Станковиќ

СДСМ на медиумите им достави аудио-снимка, која наводно го инкриминира Груевски; ВМРО-ДПМНЕ тврди дека снимката е монтажа

„Дозволете ми, конечно, како човек, а не како политичар, да го прашам Груевски една работа што мене лично ме вџашува. Па добре, бе, Никола Груевски, како сте можеле да влечете пари од оф-шор компаниите - газди на Македонска банка, дури во деновите по загинувањето на претседателот Борис Трајковски? Имате ли малку срам, морал, човечност? Кога целата нација беше во болка и во тага, очигледно само бизнисот на фамилијата не бил завеан во црно!“, рече денес лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев, продолжувајќи ја серијата обвинувања против македонскиот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, за 1,5 милион евра кои тој наводно ги договорил и добил во готово, од контроверзниот српски бизнисмен Јовица Стефановиќ – Нини, за продажба на Македонска банка.

Заев презентираше аудио снимка на телефонски разговори наводно меѓу анонимен соговорник и Стефановиќ и меѓу истиот анонимен соговорник и наводно Груевски, а кои според опозицијата докажуваат вмешаност и на премиерот во „криминалната оф-шор мрежа што ја краде Македонија“.

Според Заев, една работа е повеќе од јасна. „На Груевски не му е државата пред се, туку партијата, а со конечна цел негова лична заштита и заштита на фамилијата и бизнисот. Во Македонија не постои држава, не постојат институции на државата, не постои поделба на власта, постојат само интересите на партијата и на фамилијата што ја раководи таа партија. Сега на сите им е јасно зошто Груевски не дозволува да има фер и демократски избори. Си се чува себеси“.

Тој ги повика надлежните институции „да не чекаат наредба од Груевски како да постапат за случајот во кој тој ја игра главната улога". "Многу афери досега беа заташкани. Оваа нема да дозволиме да биде заташкана“.

ВМРО-ДПМНЕ ги демантираше сите наводи од прес конференција на Заев, и излезе со тврдење дека снимката е класична монтажа:

„Наводите искажани од господинот Зоран Заев се целосно неточни и целосно измислени. Се работи за класична монтажа за нешто што во најголем дел не ни наликува на гласот на Никола Груевски. Во самата монтажа има многу грешки, спротивности и детали кои се побиваат едни со други и се крајно нелогични. Очигледно добро се потрудиле колегите и наместо продуктивно, времето го трошеле за вакви работи, но за нивна жал ќе се уверат дека и ова нема да им пројде“.

Партијата на власт тврди дека се работи за лага и најави тужба за клевета и навреда против Заев.

„Ако мисли Зоран Заев дека на овој начин, преку вакви манипулации ќе добие некој глас за изборите и дека некој во државава ќе подлегне на вакви измислици, лаги и монтировки длабоко се лаже. На 27 ми април ќе добие одговор што народот мисли за овие негови манипулации“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

„И ако имало вакво нешто или било што незаконски направено од страна на Никола Груевски, ... досега најмалку стотина пати СДСМ или нивните коалициони партии ќе го објавеа ова и ќе поднесеа пријави и ќе постапеле по закон, а не вака да чекаат пет дена пред избори и да се обидат да дискредитираат, мислејќи дека ќе им успее оваа манипулација и ќе се одрази на изборниот резултат“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
XS
SM
MD
LG