Линкови за пристапност

Известувањето за изборите ги разбранува духовите

  • Синиша Станковиќ

Иако неделните избори беа оценети како главно мирни со бројни пропусти, не се смируваат страстите за известувањето за нив

Текстот на весникот „Берлинер цајтунг“ објавен пред претседателските избори, под наслов „Млада демократија во слободен пад“, содржи остри оценки за политичката ситуација во земјата, зашто во него, меѓу другото се вели и дека „незабележано од меѓународната јавност, Македонија се’ повеќе оди кон диктатура“. Германскиот весник наведува дека по првиот круг на редовните претседателски избори, по две недели „повторно ќе се избира парламент, по четврти пат за осум години“, и обвинува дека „постојаната предизборна борба нема никаква врска со демократија. Таа повеќе служи за трајна мобилизација“.

Текстот, чии делови пренесоа македонските опозициони медиумии, а кој се рашири и по социјалните мрежи, наведува и дека е двојно е зголемен бројот на државни службеници, откако е на власт ВМРО-ДПМНЕ, како и дека постоеле „застрашувања, се` до терор: вработените во претпријатијата речиси здружено гласаа за ВМРО, откако претходно беа посетени од даночни иследници и добија закани со отпуштања ако бидат непослушни“.

Во сличен тон е извештајот на германската новинска агенција ДПА, според која, и на вториот круг на претседателските, заедно со предвремените парламентарни избори, „се смета на јасна победа на националконзервативниот шеф на Владата Никола Груевски. Владата ги контролира правосудството, управата и медиумите во земјата, кои, покрај Груевски, пред се`, масивно го поддржаа неговиот претседателски кандидат Ѓорге Иванов. Спроти изборите имаше гласна критика за, наводно од Владата, манипулирани избирачки списоци. Со вчудовидување беше регистрирано дека во една земја со 2 милиона жители има речиси 1,8 милиони луѓе со право на глас“.

За ваквите оценки побаравме став од Владата, но портпаролот Александар Ѓорѓиев, не одговараше на мобилниот телефон, ни на СМС-пораките на Гласот на Америка на македонски јазик

Покрај „Берлинер цајтунг“ и ДПА и други весници на германски јазик со критички тон известуваа за првиот круг од претседателските избори во Македонија, потенцирајќи го избирачкиот список и известувањето во услови на медиумска неслобода.

Дојче веле на македонски јазик го пренесе пишувањето германски „Штутгартер цајтунг“, според кој „како шефот на државата Ѓорге Иванов, и премиерот Никола Груевски едри кон сигурна победа на парламентарните избори. Но, националпопулистичките постојани победници ја водат својата земја сѐ повеќе во офсајд. Со национална патетика, спорни престижни проекти и исклучување на медиумите кои се критички спрема Владата, Груевски се здоби со сомнителниот глас на авторитарен властољубец. Но, билансот на неговите успеси е скромен. Згора на сето зло, властодршците натамошно ги оптоварија не само затегнатите односи со албанското малцинство, туку и со Атина. Некакво приближување кон ЕУ се чини подалечно од кога било досега“.

Австрискиот весник „Ди пресе“ под наслов: „Македонија: каде се бројат и мртвите души“, констатира дека „победникот на изборите Ѓорге Иванов се потпира врз спорен избирачки список“ и дека „позицијата и` префрла на владата дури и за систематска кражба на гласови“.
„Ди пресе“ наведува и дека „и во Македонија се поделени мислењата во однос на сомнителниот избирачки список. Се чини дека во мултиетничката земја се бројат и мртвите души. Списокот со речиси 1,8 милиони имиња опфаќа околу 90 проценти од населението како избирачи, збогатен и со починати и нови граѓани…

На прашање од ОБСЕ, како е можно 30, 50 или дури и 70 нови избирачи да се пријавени во ист стан, властите не оставаат никаков сомнеж: истрагата што ја побара ОБСЕ никогаш не беше поведена. ОБСЕ констатира дека во Македонија нема јасна граница меѓу државата и партијата што е на власт“, пишува, меѓу другото, „Ди пресе“ од Виена.

И организацијата „Транспаренси Интернешнл Македонија“, која во периодот од 17 март до 13 април, ги набљудувала вестите на македонските медиуми - МТВ 1, МТВ 2, „Сител“, „Канал-5“, „Алсат-М“, „Телма“, „24 Вести“, „Канал 77“, „Македонско радио 1“, како и извештаите на печатените медиуми „Дневник“, „Слободен печат“, „Република“ и „Фокус“, излезе со став дека медиумите пристрасно и необјективно ја покривале изборната кампања и дека уште не известуваат на начин кој ќе обезбеди избалансирано информирање на граѓаните. Според експертот за медиумско мониторирање Расто Кужел најизбалансирани во известувањето биле телевизиите „Телма“ и „24 Вести“.

Паралелно со ваквите оценки за известувањето за кампањата и за првиот круг на претседателските избори, беше обелоденета одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, која го отфрли барањето на група новинари за заштита на правата и слободите за настаните од 24 декември 2012 година, кога обезбедувањето во Собранието, насилно ги исфрли новинарите од галерискиот простор во собраниската сала, за да не бидат присутни на физичкото отстранување на опозициските пратеници.

Уставниот суд го одбил барањето „затоа што оцени дека физичкото отстранување на новинарите од галеријата на собраниската сала настанало поради конкретна ситуација на ескалација на хаос и безредие, а целта била да се заштитат новинарите и да се обезбеди ред во салата“.

Насер Селмани, претседателот на ЗНМ, најави дека најави асоцијацијата ќе ја продолжи постапката со проследување на предметот до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
XS
SM
MD
LG