Линкови за пристапност

ОБСЕ вели дека изборите биле ефикасно изведени

  • Соња Трајковска

По првиот круг на гласање реагираат меѓународни ентитети и политички партии од Македонија

Ефикасно спроведени избори, со активна кампања, со почитување на основните човекови слободи, но и нерамноправно прикажување на кандидатите, пристрасното медиумско покривање и неразграничувањето меѓу државните и партиските активности не обезбеди рамноправен натпревар меѓу кандидатите.

Ваква е оценката набљудувачката мисија ОБСЕ/ОДИХР и Советот на Европа, на првиот круг од претседателските избори.
„Јазикот кој го користеа претседателските кандидати беше главно умерен, но сепак како што се приближуваше денот на изборите можеше да се забележи зголемена негативна реторика помеѓу лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Кај албанскиот блок имаше постојан тек на силни обвинувања за поранешни и сегашни случаи на корупција“, посочи амбасадорот Герт Аренс.
Една од забелешките токму е и етничката поделеност и повикот за бојкот и недовербата во избирачкиот список.

„Едно е да се нема кандидат на избори, а сосема друго е да ги повикувате избирачите да не излегуваат на гласање“, рече шефот на делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа Штефан Шенах.

За Граѓанската асоцијација MOCT, вчерашните избори биле фер и демократски, иако нивните набљудувачите регистрирале изолирани случаи на прекршување.

„Фактот што видливото мастило лесно се отстрануваше имаше влијание врз довербата на гласачите во изборниот процес. Пред дел од објектите каде што се гласаше набљудувачите на МОСТ забележале и лица кои вршеле евиденција на граѓаните кои гласале, а забележани се и други видови на притисок и неправилности, рече Дарко Алексов од МОСТ. Асоцијацијата која со 580 набљудувачи го следеше изборниот процес, се сомнева и во бројот на болните и немоќните, што според нив, бил невообичаено висок.

„Неизлегувањето на Албанците на 13 април покажува силна поддршка на една национална, натпартиска идеја дека во земјава се бараат промени и оти оваа земја им припаѓа на сите што живеат на овие простори“, оцени лидерот на ДУИ Али Ахмети. За тоа, дали и кого од двајцата кандидадти, ДУИ ќе поддржи во вториот круг од претседателските избори, Ахмети изјави дека тие „не прават политика со двојни стандарди“.

„Ги повикуваме Албанците уште еднаш да ја поддржат својата одлука од 13 април и на 27 април Албанците ќе излезат и ќе гласаат за ДУИ, а ќе апстинираат и нема да го земат гласачкото ливче за претседател, кој е едностран и без договор“, изјави Ахмети. За односот на ДУИ кон новоизбраниот претседател, Ахмети појасни дека „тој ќе биде едностран претседател и претседател на една заедница, а нема да биде претседател избран со гласовите на втората најголема заедница во земјата - Албанците.
„Вчерашните изборни резултати се плод на систематскиот притисок на власта на Никола Груевски преку државните инструменти изминатите осум години, и на ништо друго“, оцени денеска лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Сепак, тој најави дека неговата партија „поодлучно од кога било ја продолжува борбата за слобода и демократија“.

„Сепак, и покрај сите закани и уцени, вчера зад опозицијата застанаа околу 330 илјади граѓани на Република Македонија, што е растечка тенденција, а уште огромен број гласачи од разни причини остананаа дома. Ова е максимум на злоупотребите на власта врз гласачите. Во вториот изборен круг треба да ги мотивираме сите тие граѓани да го изразат својот став, којшто евидентно, со останувањето дома и порачува на власта дека ја нема нивната поддршка. Наша должност е да го разобличиме системот на Никола Груевски и да дадеме одговор на сите сомневања, претпоставки и дилеми. Јас ви тврдам дека Социјалдемократскиот сојуз работи на тоа и тоа ќе го направи“, рече Заев.

За ВМРО-ДПМНЕ, и со денешата изјава, „СДСМ покажува дека не може да излезе од филмот, кој нивното најтесно раководство го продуцира, според кој виновни за нивниот неуспех се секогаш сите, само не тие“.

„Единствен нивен новитет денеска е фактот дека Зоран Заев ќе почнел црна и негативна кампања на што упатува во неговата прес-конференција. Прво, се` најлошо што може да измисли и да каже за нас, веќе го направи и резултатот од тоа колку народот му верува, го виде. И второ, не може и граѓаните нема да му го прифатат недостатокот на концепт и реална програма да го анулира со негативна кампања“, се нагласува во реакцијата.

Честитајќи им го на Иванов и Пендаровски влезот во вториот круг од претседателските избори, лидерот на партијата ГРОМ Стевчо Јакимовски оцени дека единствена дамка во првиот круг беше бројот на неважечки ливчиња од кои најголем дел, 70 проценти, се заокружени за кандидатот на ГРОМ Поповски или за некој друг кандидат.
XS
SM
MD
LG