Линкови за пристапност

Аферата „Ексико” ја бранува политичката сцена во Македонија


СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се препукуваат околу сопственоста на повеќе фирми со седиште во странство.

Опозицискиот СДСМ од ден во ден истапува со прес конференции на кои ги прозива премиерот и неговите најблиски соработници да се изјаснат за сопственоста на повеќе оф шор фирми.

Управителите на панамската фирма „Тасига Корп“, која е сопственик на чешката фирма „Миртланис“, се и управители на две оф шор фирми во Швајцарија кои, пак, влегле во две фирми - „Ексико“ ДООЕЛ и „Орка Холдинг“ А.Д. Скопје од Македонија, тврдат од СДСМ.

„Дали освен од Чешка и Панама, братучедот на Никола Груевски, директорот на УБК, Сашо Мијалков, води бизниси и преку други рајски земји? ... “, праша портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, кој се повика на информации од документи кои, според него, биле од панамскиот регистар достапен на интернет.

„Тасига Корп“ е компанијата на којашто Мијалков наводно ја продава чешката фирма „Миртланис“ што ја криеше од Антикорупциската комисија, а во којашто управител е сè уште човекот од доверба на Мијалков, Горан Гацов. Управители на фирмата од Панама „Тасига Корп“ се Видоли Клаудио, Капрани Умберто и Бинда Емилио – истакна портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

На ова Мијалков одговори со писмена изјава обвинувајќи ги социјал--демократите дека со креирање „афери сакаат да најдат оправдување на претстојниот пораз на предвремените парламентарни избори.“

Продолжувајќи со обвинувањата, социјал демократите велат дека мрежата фирми која почнува од даночните раеви Лугано и Панама и влегува во Македонија, стигнала до МПМ која ги издава дневните весници „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“, порталот „Телеграф“, како и до телевизијата Алфа.

На прес конференција портпаролот на партијата, Шилегов, истакна дека фирмата „Орка холдинг“, чиј партнер во бизнисите во Македонија е фирмата „Ексико“, е сопственик на „Графички центар“ Македонија, која пак е 100 проценти сопственик на МПМ. Токму „Графички центар“, според податоците на Шилегов, во периодот од 2011 година до 2014 година од државата добил тендери во вредност од околу 10 милиони евра.

Како одговор на последните обвинувања од владеачката ВМРО-ДПМНЕ одговрија:

„Јасно е дека пресовите се манипулација и дека Шилегов се нафатил да ја игра улогата на нечист играч на СДСМ. Очигледно дека ова го прави само за да ги покрие скандалите кои се врзуваат за неговото име, но и да ги покрие аферите кои се отворија за Зоран Заев и Радмила Шеќеринска и целото раковоство на СДСМ“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
XS
SM
MD
LG