Линкови за пристапност

Кореецот Ко Ун - добитник на „Златниот венец“ за 2014

  • Синиша Станковиќ

Убеден сум дека поезијата ќе продолжи да ја извршува улогата на светилник во иднината на човековата историја, изјавил Ко Ун по веста.

„Постоеше едно златно доба на поезијата, кога луѓето првпат почнаа да поставуваат светилници кои гледаа кон полунебјето на океаните од овој свет и ги испраќаа своите зраци-водилки. Оттогаш, светилникот е синоним за поезија. Јас сум убеден дека поезијата ќе продолжи да ја извршува улогата на светилник во иднината на човековата историја“, напишал венценосецот Ко Ун во обраќањето до Струшките вечерина поезијата, по повод одлуката тој да го добие високото признание за 2014.

Според дирекцијата на фестивалот на кој во изминатите 50 години учествуваа над 5.000 поети, есеисти и критичари, годинешниот лауреат Ун (1933) во својата татковина ја има славата на национален поет, а е и меѓу најзначајните имиња на светската поезија. Годинешниот лауреат на фестивалот кој досега напишал 140 книги, од кои 50 се збирки поезија, наградата - Златен венец на на 53-те СВП, ја добива за „високите уметнички остварувања, особениот поетскиот израз и силината на поетскиот сензибилитет преку кој човекувањето е преточено во поетско творештво“, и таа традиционално ќе му биде врачена во август, за време Струшките вечери на поезијата.

Според УО на манифестацијата, талентот, сензитивноста, имагинацијата, вештината со јазикот и разбирањето на човековиот живот, од Ун прават поет-епоха. А според министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, „навлезен во своите осумдесет години, поетот Ун и денеска изненадува со својата творечка виталност која го држи на самиот врв на светскиот поетски интерес“.
XS
SM
MD
LG