Линкови за пристапност

Претседателски избори во Македонија


Датумот на претседателските избори - познат, кандидатите за највисоката функција не.

За изборите закажани за 13 април, граѓаните се` уште не знаат кои ќе бидат кандидатите кои ќе учествуваат во трката за освојување на највисоката функција во државата.

Владеачката ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука за свикување на Конвенција за избор на кандидат за Претседател на Република Македонија, која ќе се одржи на први март 2014-та.

„Свикувањето на Конвенција за избор на кандидат за Претседател на Република Македонија е редовна пракса која ВМРО-ДПМНЕ ја применува од своето формирање. На сите досегашни претседателски избори ВМРО-ДПМНЕ избирала свој кандидат на овој начин, низ демократска процедура, каде делегатите одлучуваат врз база на своето убедување, а врз основа на вредностите, принципите и програмите на предложените кандидати“, информираше Илија Димовски од ВМРО ДПМНЕ.

Димовски кажа дека ВМРО-ДПМНЕ ќе објави јавен повик за пројавување на интерес.

„Право да приложат своја кандидатура имаат сите граѓани на Република Македонија кои ги исполнуваат уставните услови за извршување на функцијата Претседател на Република Македонија, кои се членови на ВМРО-ДПМНЕ или се поддржувачи на политиките на партијата и се наоѓаат себе си во ставовите на ВМРО-ДПМНЕ за државните и националните прашања“, појасни Димовски.

Досега јавно интерес пројави професорот Јове Кекеновски. На својот ФБ профил тој денеска изјави:

„Од моите верни и искрени вмровски сопартијци слушам дека стартувала валкана и веќе видена игра на дел од партиските и пратенички структури од мојата матична партија - ВМРО ДПМНЕ. Лоб(отом)ирачката орда на ,,заслужните“ теренски дејци започна со убедување на конвенциските делегати и членството да гласаат за ,,нивните“ левучарски пулени со задоцнета национална свест?! Претпоставувате кои се нивните миленици...“

Од опозицискиот СДСМ ни рекоа дека изборот на нивниот кандидат е во процедура и ќе биде познат пред истекот на рокот 13 март или еден месец пред првиот круг на гласањето.

Денеска во просториите на Државната изборна комисија, универзитетската професорка Билјана Ванковска поднела барање за отпочнување на процедурата за собирање 10,000 потписи кои ќе и овозможат да се канидира во изборната трка како независна.
XS
SM
MD
LG