Линкови за пристапност

Македонија се подготвува за предвремени парламентарни избори


Претседателот на Парламентот најави дека утре ќе ги распише изборите, притоа не откривајќи го датумот

Утре ќе се знае кога ќе се одржат претседателските избори во Македонија. Во интервју за МИА претседателот на Парламентот Трајко Вељановски најави дека утре ќе ги распише изборите, притоа не откривајќи го датумот, иако од неговиот Кабинет, терминот е во периодот од 12 март до 12 мај. Според пресметките нa медиумите, првиот можен термин е 13 април, односно втората недела на април, бидејќи со тоа се запазува законскиот рок – изборите да се одржат не помалку од 70 дена од денот на распишување. Датумот 20 април, пак за многумина е невозможен, бидејќи на тој датум се празнува еден од најголемите верски празници Велигден.

Но она што е поголема непозната е дали истовремено со редовните претседателски, ќе се одржат и предвремени парламентарни избори. Спикерот Вељановски во интервјуто за МИА вели дека ова не е во негова надлежност.

„Тоа е надлежност на Собранието, кое треба прво да се самораспушти за потоа да се одржат предвремени парламентарни избори. Во овој момент можам да кажам дека утре ќе бидат распишани претседателските избори“, вели Вељаноски, притоа додавајќи дека „без разлика дали ќе има или не предвремени парламентарни избори, Собранието нема да одржува седници нешто повеќе од еден месец пред првиот круг, како практика што досега функционирала, иако законска обврска за такво нешто нема“.

Државната изборна комисија, телото кое е надлежно за организирање и спроведување на изборите, е подготвено. Нејзиниот претседател Никола Рилкоски најавува дека најдоцна во недела ќе се одржи седница за донесување на роковникот за работење и финансискиот план. И според негови сознанија се` поизвесно е одржување и на предвремени парламентарни избори.

„Ако предвремените парламентарни избори се одржат во вториот круг од претседателските ќе имаме едно мало пореметување во однос на роковите. Постои таква можност, но мислам дека ќе го пребродиме и тој дел и ќе најдеме решение и за тоа. Тоа всушност е навистина најгорливото прашање, за едните завршува молкот, а за другите почнува кампањата“, вели претседателот на ДИК, Рилкоски.

Доколку сепак падне одлуката за предвремени парламентарни избори, последниот ден за распуштање на Парламентот би бил 27 февраури, а со тоа евентуалените воднредни парламентарни избори би се одржале на 27 април, паралелно со вториот круг од претседателските избори.

Иако претседателските избори ќе бидат распишани утре, се уште не се познати кандидатите, ниту на владејачкото мнозинство, ниту на опозицијата. Додека од ВМРО – ДПМНЕ молчат, од коалицискиот партнер ДУИ упатија порака дека инсистираат на консензуален кандидат, во спротивно ќе бараат предвремени парламентарни избори.

Од опозициската ДПА велат дека ќе ја поддржат ДУИ доколку одлучат дека треба да се оди на предвремени парламентрани избори, но ги критикуваат за политиката што ја водат во зиборот на претседатеслки кандидат со ВМРО - ДПМНЕ.

„Во изминатите 6 години, колку што се со нив во коалиција, не успеаа да најдат консензус за ниту едно важно прашање во интерес на Албанците, а сега наметнаа тема за кандидат за претседател. Сега отвораат нов проблем, да најдат добар Македонец. Нели им беше добар Ѓорѓе Иванов, или пак тоа значи дека не бил толку добар“, прашува Имер Алиу.

И од најголемата опозициска партија СДСМ велат дека се подготвени за претседателските избори. Портпаролот Петре Шилегов најави дека името на претседателскиот кандидат ќе го објават во законскиот рок, додавајќи дека за одржување на вонредни парламентарни избори најпрво треба да одлучат коалиционите партнери.

Иако неформално досега свои евентуални кандидатури најавуваат двајца независни кандидати – Стојанче Ангелов, некогашниот бранител од воениот конфликт во 2001 година, денес лидер на маргиналната партија „Достоинство“ и универзитетската професорка Билјана Ванковска, која преку социјалните мрежи го детектира јавното мислење за овој потег.
XS
SM
MD
LG