Линкови за пристапност

Почна судењето за акцијата „Шпион“

  • Синиша Станковиќ

Обвинението за полициската акција на над стотина траници, опфаќа 19 лица.

Со силно полициско обезбедување денес почна судскиот процес за случајот „Шпион“ во големата судница на Врховниот суд на Македонија.

Обвинението за полициската акција „Шпион“ на над стотина траници, опфаќа 19 лица – цивилни и воени разузнавачи, контраразузнавачи, некогашни и актуелни вработени во АРМ, во Управата за безбедност и контраразузнавање, во Агенцијата за разузнавање и во Државниот архив....

Покрај првовобинетиот Марјан Ефремов, обвинети се и поранешниот директор на Управата за спречување на перење пари и финансирање тероризам Ване Цветанов, поранешниот шеф на кабинетот на претседателот на Собранието Марјан Маџовски, поранешниот генерал на специјалната единица „Лавови“ Горан Стојков и поранешниот разузнавач Александар Диневски.

Нив обвинението ги терети за шпионажа, уцена, измама, недозволено изработување, држење и тргување со оружје, изнуда, злоупотреба на државна службена или воена тајна, оддавање државна тајна и злосторничко здружување.

Откако според медиумите, се најавуваше контроверзен процес, а Судот веќе одлучи судењето да биде затворено за јавноста во најголемиот негов дел, денешниот почеток на процесот, беше пролонгиран дури за два часа, поради безбедносната процедура која подразбираше темелен претрес на обвинетите, адвокатите и новинарите, кои однапред беа предупредени да внимаваат како ќе известуваат, поради тајноста и наводната чувствителност на доказите, поради која, секое спомнување на зборот државна тајна, за новинарите треба да значи забрана за пласирање на било каков податок вон судската сала.

Пред читањето на обвинителниот акт и пред главниот распит, адвокатот на првообвинетиот Ефремов, побара одложување на судењето, зашто тој и неговиот клиент, немале време за увид во доказите, но судот образложи дека е должен во рок од 30 дена од подигнувањето на обвинението да закаже претрес, и дека обвинетиот може во текот на претресот да ја надополни својата одбрана.

Обвинетите 19 лица, кои освен за шпионажа, се товарат и за изнуда и уцена, наводно, на првообвинетиот Ефремов му доставувале информации, кои тој, за материјален надомест, им ги доставувал на странски тајни служби. Информациите се однесувале на имиња на оперативци, на извештаи за безбедносната состојба, на податоци за вахабисти и верски заедници во Македонија, на класифицирани документи за политичката состојба во Македонија, и на лица под опсервација на тајните служби.

Судењето почна со мерки за безбедност на високо ниво, во полициски обрач на специјалната и посебна единица на полицијата, а како и во претходни случаи со голем медиумски интерес, торбите на присутните и покрај скенерот биле рачно претресувани.
XS
SM
MD
LG