Линкови за пристапност

20 години дипломатски односи Македонија - САД

  • Борјан Јовановски

Амбасадата на САД во Скопје беше отворена во 1996-та.

Амбасадата на САД во Скопје беше отворена во 1996-та.

Сите веруваме дека меѓу САД и Македонија ќе има уште многу години на продуктивен, позитивен и взаемно корисен однос“, кажа амбасадорот Волерс.

На 3-ти декември 1993-та во Скопје беше отворена Канцеларијата за врски на САД. По тој повод во Амбасадата на САД синоќа беше организирана свеченост за одбележување на 20-годишнината од присуството на американската дипломатија во Македонија.

„Знам дека многумина кои вечерва се присутни, бевте со нас кога работевме - да го цитирам нашиот прв шеф на Мисијата, Виктор Комрас - со една кутија, столица и машина за пишување. Кога ќе го погледнам просторот на амбасадата сега, можам да констатирам колку многу сме пораснале. Разгледувајќи ги фотографиите ќе видите дека врските помеѓу нашите две држави се подеднакво и разновидни и цврсти. Постои взаемна поддршка за одбрамбените приоритети на нашите земји. Ние го подржуваме напредокот на Македонија во области како што се зајакнување на спроведувањето на законот, земјоделството, образованието, граѓанското општество и во многу други области. Сите веруваме дека меѓу САД и Македонија ќе има уште многу години на продуктивен, позитивен и взаемно корисен однос“, кажа амбасадорот Пол Волерс во обраќањето на свеченоста во Амбасадата на САД во Скопје.

Главниот амеиркански дипломат во Македонија кажа дека во изминатиот период се случиле многу работи, но дека пријателството и партнерството меѓу двете земји останало силно.

„Од првиот ден до денес нашата мисија не е промената. Со гордост ја нарекуваме Македонија наш пријател и сојузник и сакаме да видиме како оваа извонредна земја го остварува својот потенцијал како силна динамична и просперитетна демократија, целосно интегрирана во евроатлантската заедница“, рече Волерс.

Во присуство на претседателот на Собранието на Трајко Вељаноски, министри во Владата, актуелни и поранешни пратеници, претставници на политичките партии, на интелектуалната и бизнис-елита, на судството, на верските заедници, Волерс потсети на скромните почетоци во 1993-та година и низата постигнувања и активности реализирани во билатералните односи во изминатите две децении, кои симболично беа прикажани низ избор од 20 фотографии.

„Ние гледаме на иднината како партнери и замислуваме каде сакаме да бидеме и што може да постигнеме заедно. Нашето партнерство денес е динамично, енергично и свртено кон иднината и јас немам никаква дилема дека тоа ќе потрае уште многу години. Исто како што сме биле заедно во минатото и како што сме заедно денес, така ќе останеме заедно и во иднината“, порача американскиот амбасадор.

Во своето обраќање тој потсети и на фактот дека САД на Македонија во овие 20 изминати години и` помогнале во реформските процеси со една милијарда долари. Исто така, во овој период, преку 20.000 граѓани на Македонија со подршка на Амбасадата добиле можност за студиски престој во САД.
XS
SM
MD
LG