Линкови за пристапност

МВР: осомничени 13 малолетници за дел од автобуските напади


Сепак, за полицијата и натаму остануваат непознати мотивите, како и сторителите на насилството во автобусот број „65“ минатата недела.

Министерството за внатрешни работи вели дека засега идентификувало 13 момчиња од скопските села Арачино, Батици, Студеничани, Рашче и Грчец, кои ги предизвикале инцодентите во автобусите „33“ и „7“, минатата недела. Според МВР, некои од нив се појавуваат и во двата инциденти - во едниот беше претепано 17-годишно момче, а во другиот 15-годишен ученик.

Според портпаролот на МВР Иво Котевски, четири од овие момчиња од порано се водат во полициската база како проблематични - биле пријавувани за криминал и разбојништва.

„По преземените мерки и дејствија за откривање на сторителите, извршените разговори и препознавање на лица, осомничени се вкупно 13 малолетници, со што бројот на малолетници кои годинава се откриени и санкционирани заради учества во инциденти се искачи на 150 лица“, вели Котевски.

Сепак, за полицијата и натаму остануваат непознати мотивите за овие инциденти, исто како што се засега непознати и сторителите на насилството во автобусот број „65“ минатата недела, кога, според сведоци, како во акционен филм, маскирани момчиња со автомобил му го попречиле патот на автобусот, а потоа со метални шипки и дрвени палки тепале и деца, и возрасни патници во автобусот.

Полицијата и натаму повикува лица на службен разговор за да ги идентификува хулиганите. За подобрување на безбедноста во реонот на селата Сингелиќ и Стајковци, каде посојат десетина месни заедници, ќе има полициски пункт. Јавното сообраќајно претпријатие пак, ќе вработи дополнителни контролори во автобусите и ќе постави снимачи на камерите.

Портпаролот Котевски денеска оцени и дека полицијата ажурно и ефикасно си ја вршела својата работа, и дека за справување со зачестените инциденти во градските автобуси најодговорни се родителите и другите институции. За само 9 месеци, имало 109 вакви инциденти.
XS
SM
MD
LG