Линкови за пристапност

Дуел Шеќеринска-Мијалков – епилогот се чека

  • Борјан Јовановски

Macedonia parlament

Macedonia parlament

Расправа меѓу заменик-претседателката на СДСМ и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање

Жестока расправа се води меѓу заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска, и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков. Расправатa започна во четврток, кога Шеќеринска упати пратеничко прашање до премиерот:

„Дали знаете, господине Груевски, дека вашиот братучед Мијалков, кој е државен функционер, пријавил имот само по основ на часовници и семеен накит, од, верувале или не, 500 илјади евра? И уште дополнителни 300 илјади евра само за слики?..“

„Мијалков пријавил дека земал половина милион евра по основ на продажба на основачки влог на фирма и уште половина милион евра на продажба на сопственички удел во странска фирма. Ама, како е возможно во Анкетниот лист во 2008-ма година истиот функционер да пријавил еден сопственички удел и тоа само во домашна фирма. И како е можно денеска тој да тврди дека земал нецели 1 милион евра од продажба на удел на две фирми, а во исто време во денешниот Анкетен лист да пријавува дека се` уште е сопственик не на една или две, туку на четири фирми. Значи вака е математиката: имал една фирма, продал две, а денеска е сопственик на четири фирми. Кажете ми, господине Груевски, каква е оваа ДПМНЕ математика?“

Премиерот Никола Груевски на ова одговори:

„Секој функционер има обврска да внесува податоци во анектни листови и сите тоа го имаат направено. Тоа го има сторено и Сашо Мијалков. За сите детали ќе си одговори тој, јас не можам за секој функционер да давам одговори. Знам дека до стапувањето на државната функција Мијалков бил приватен бизнисмен“.

Шеќеринска потоа реагираше дека на Мијалков било невозможно да му се постави прашање бидејќи „тој никогаш не се појавил во ресорната собраниска комисија“.

Подоцна се огласи и Сашо Мијалков, преку соопштение на Министерствтото за внатрешни работи на Македонија:

„Со истата теза и со истите клевети во јавноста пред три години излезе и Љубе Бошковски. Тогаш, појаснив дека мојот удел од 50 проценти во фирмата регистрирана 2003-та година е продадена во Прага на двајцата други ко-сопственици, во две одвоени трансакции по 25 отсто, кои вредеа по 500.000 евра, како што впрочем е наведено во Анкетниот лист“.

Тој додава дека доколку Радмила Шекеринска поседува барем еден доказ во поткрепа на изречените клевети,„ утре да ги приложи на Јавниот обвинител или Управата за јавни приходи и ја повика јавно да му се извини“.

Шеќеринска на прес конференција во петок кажа дека „нема намера да се извини за кажување на вистината“.

Таа додаде дека и по 24 часа од пратеничките прашања нема одговор, ниту реакција од премиерот, ниту од директорот на УБК, а ни од Дражавната антикорупциска комисија на нејзиното прашање дали премиерот знае „како за само пет години директорот на УБК Сашо Мијалков го зголемил имотот за 1,6 милиони евра“.

Вечерта во петок повторно се огласи Мијалков преку сајтот Курир и ја повика заменик-претседателката Радмила Шеќеринска да одговори за имотната состојба „или ќе ја тужи, како реакција на обвинувањата за неговото енормно збогатување“.

„Шекеринска не може да објасни како изминативе неколку години нејзиниот Анкетен лист се збогати со голем број станови, но тоа не смее да биде никакво оправдување за навредите и клеветите кои ги изрекува зад собраниска говорница“, кажа Мијалков.

Расправата привлече големо внимание во јавноста, која чека да го види епилогот.
XS
SM
MD
LG