Линкови за пристапност

Заврши контроверзниот процес за случајот „Ликвидација“


Пресудата за новинарот Кежаровски и други обвинети во случајот е најавена за 21-ви октомври

„Ова е борба на голорак новинар против оние кои се кријат зад службените информации и кои се подготвени секого да го жртвуваат“ рече новинарот Томислав Кежаровски, во својот завршен збор на судењето за контроверзниот случај „Ликвидација’, во кој тој е обвинет дека „како дел од злосторничка организација“, во два текста објавени пред пет години, во периодично списание кое веќе не постои, го обелоденил идентитетот на наводно заштитен сведок во случај на нарачано убиство. Иако самиот заштитен сведок под псевдоним „Бреза“, јавно на судење призна дека лажел поради заканите за него и за неговото семејство, и дека сведочел според однапред подготвено и научено наизуст „сведочење“, за кое бил претходно инструиран од полицијата, по што обвинетите во тој случај беа ослободени, новинарот Кежаровски веќе петти месец е во притвор, заедно со уште седумина обвинети, поранешни и актуелни судии, и актуелни адвокати, но обвинети за други дела.

И покрај многуте барања на новинарските здруженија од Македонија, на синдикатот и на Иницијативниот одбор за негово ослободување, како и на еснафските новинарски здруженија од Европа и светот, и покрај понудената гаранција во имот, судот редовно одбиваше новинарот да се брани од слобода, иако тој од првиот ден, а и во завршниот збор, се брани пред се`, со фактот дека открил голема полициско-судска афера и дека го сакал само најдоброто во интерес на правдата и на граѓаните.

„Моите текстови ја открија децениската вистина и јавната тајна за условите во кои работат судовите и беа силна критика за МВР. Јас само констатирав факти, но мојата критика го поткопа лажниот статус на одделни личности во МВР“, се бранеше денес Кежаровски. Тој потенцираше дека е само „колатерална штета“ за да се забошоти скандалот со лажниот заштитен сведок, за кого и до денес не се знае дали законски го добил статусот заштитен или загрозен сведок и во кој период каков статус имал, невидена афера за која никој досега не поднесе никаква одговорност.

„Зошто ми се суди мене а не на некој друг? Обвинението против мене е само поради тоа - да се открие кој ми ги пренесе информациите од МВР“, рече Кежаровски кој во текстовите од пред пет години, точно ја предвиде разврската и драматичната развршница на скандалот. Тврдејќи дека не го открил идентитетот на сведокот, дека не загрозил ничиј живот, слобода, здравје, семејство..., и дека за тоа е доказ и фактот што самиот сведок и неговото семејство, по разврската и самооткривањето, го примиле да направи интервју, новинарот тврдеше дека ништо не згрешил, дека ја пишувал вистината и дека „кога е неправда во прашање, останувам доследен на самиот себеси и непоколеблив“.

Кежаровски побара од Судот ослободителна пресуда, барајќи од судиите да судат во име на народот, „според законот, а не според нечии замисли“.„Случајот со Томислав Кежаровски кој веќе петти месец е во притвор поради негово пишување во Македонија е преседан“, изјави неделава, на конференцијата за истражувачко новинарство во Сараево, Дуња Мијатовиќ, претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите, која уште еднаш потенцираше дека Македонија е единствена земја во регионот каде што новинар е пет месеци зад решетки поради неговото пишување.

Сите обвинети ги отфрлија обвинението, тврдејќи дека обвинителството не навело докази и повикувајќи се на незаконитото спроведување на посебните истражни мерки (следењето и аудио и видео снимањето на осомничените за кои на судењето не беше изведена наредбата на надлежен орган како доказ), како и на неуспехот на судот да го обезбеди на главниот претрес присуството на главниот сведок на обвинението.

Дел од бранителите побараа и да се донесе пресуда според чувството за правда на судиите-поротници, според нивните убедувања и според просечното чувство за правичност на граѓаните во чие име се донесува пресудата.
Објавувањето на пресудата е закажано за 21 октомври.
XS
SM
MD
LG