Линкови за пристапност

Реакции на продолжувањето на притворот на Кежаровски


ЗНМ бара власта да покаже дека со посебна чувствителност постапува кон прашања поврзани со слободата на изразувањето

„Бараме надлежните органи да не ги игнорираат барањата на јавноста и макар и со огромно задоцнување, да сторат нешто за заштита на основното право на слобода на изразувањето и на вкупниот амбиент за слободен проток на јавно изречениот збор, кој безусловно мора да биде демократски и во духот на општоприфатените меѓународни стандарди“, пишува во соопштението на македонскиот ПЕН центар, потпишано од претседателот Ристо Лазаров, по најновото, петто по ред, продолжување на притворот на македонскиот новинар Томислав Кежаровски, кој е обвинет за обелоденување на идентитет на наводно заштитен сведок, во новински текст пред пред пет години.

Лазаров го осуди продолжувањето на притворот на новинарот и најави реакција и до Меѓународниот ПЕН. Според него, „и петтото продолжување на притворот на новинарот Кежаровски, исто како и иницијалното притворање, и сите досегашни продолженија на оваа драмолетка на апсурдот, заслужува и наидува на целосна осуда на домашната и меѓународната демократска јавност“.

Лазаров смета и дека органите на македонската „судска (се разбира, и не само судска) власт покажува мускули и слепа приврзаност кон поговорката `Кучињата лаат, карванот врви`, што, пак, претставува груба компромитација на основните начела на правната држава. Македонскиот ПЕН со внимание и неодобрување ги следи сите постапки на власта во овој случај, оценувајќи ги нив како кршење на правото на слободно изразување, загарантирано како во Уставот на Република Македонија, така и во цела редица меѓународни резолуции и декларации. Со овој случај е запознат и неодамнешниот Конгрес на Меѓународниот ПЕН...“

И здружението на новинарите на Македонија најостро ја осуди одлуката на Кривичниот совет на Основниот суд во Скопје, за продолжувањето на притворот за новинарот и иницираше кај министерот за правда Блерим Беџети, постпака за ослободување од гонење на Кежаровски, врз основа на член 84 од Уставот на Република Македонија и членовите 1-а и 3.

„Постојаното продолжување на притворот повеќе не служи за непречено водење на судската постапка, туку прераснува во казна. Оваа одлука на некој начин ја навестува конечната пресуда, со што се крши основното начело во една правна држава дека секој е невин додека не се докаже спротивното“, смета репрезентативното здружение на македонските новинари. Новинарската асоцијација смета дека е погрешен ставот на Судот дека притворот е нужен, зашто на располагање се и други поблаги мерки за обезбедување на присуство на обвинетиот: куќен притвор, забрана за напуштање на живеалиште, обврска на обвинетиот да се јави повремено на одредено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на пасош...

ЗНМ соопштува дека уште на 2 септември до Министерството за правда доставиле иницијатива за ослободување од гонење на новинарот Кежаровски, на која не добиле одговор и го охрабрува ресорното Министерство „сериозно да ја разгледа иницијативата, бидејќи со тоа власта ќе покаже дека со посебна чувствителност постапува кон прашања поврзани со слободата на изразувањето“
И во писмото пак, до претседателот на државата Ѓорге Иванов, министерот за правда, Беџети и вицепремиерот за европски прашања, Фатмир Бесими ЗНМ бара ослободување на новинарот.

„Продолжувањето на притворот не може да се оправда, затоа што не постои никаква опасност обвинетиот да ја напушти земјата. Кежаровски е семеен човек со малолетно дете и во тешка финансиска состојба... Без да ја прејудицираме судската пресуда, сметаме дека Кежаровски, според нас, не сторил кривично дело, туку откривал злоупотреба на службена должност што преставува највисок јавен интерес во едно демократско општество. Кога не би постоела ваквата можност - новинарите да откриваат злоупотреба на јавните институции, тогаш, новинарската професија не би имала смисла и не би служела за објективно информирање на јавноста... Фактот дека заштитениот сведок пред судот признал дека неговата изјава со кои ги товарел двајцата сограѓани како извршители на убиство е дадена под присила на МВР, потврдува дека новинарот во случајот откривал злоупотреба на институтот заштитен сведок. Со тоа, исто така, превенирал опасност невини луѓе да бидат осудени со казна затвор“, се вели во писмото на ЗНМ.

Кривичниот совет на Основниот суд 1 во Скопје во четвртокот по петти пат, за нови 30 дена го продолжи притворот за обвинетите во случајт „Ликвидација“, меѓу кои се судии, адвокати, обвинител и новинарот Кежаровски. Иако нивните адвокати поднесуваа жалби на решенијата за притвор, тие редовно беа одбивани, а судот не прифати ни кауција во висина од 600.000 евра за еден од обвинетите.

Ослободување на новинарот бараа и Меѓународната федерација на новинари, Репортери без граници, Фридом Хаус, специјалниот известувач за правата на слобода на мислење и изразување на ОН, Френк Ла Ру, претставникот на ОБСЕ за слободата на медиумите Дуња Мијатовиќ и делегацијата на ЕУ во Скопје.

Судскиот процес за случајот „Ликвидација“ продолжува в понеделник, на 30 септември со исклучена јавност, поради изведување на видео материјалите обезбедени со посебни истражни мерки.
XS
SM
MD
LG