Линкови за пристапност

Белград и Скопје избегнаа трговска војна


Македонија и Србија ги надминаа разликите кои се закануваа да ги влошат македонско српските односи.

Заменикот претседател на српската влада Расим Љаиќ и минстерот за земјоделие Љупчо Димовски на средба во Скопје се договориле македонската влада да ја укине уредбата за ограничување на увозот на српска пченица во Македонија. Оваа уредба на македонските трговци им наметна обврска за килограм увезена пченица да мораат да купат три килограми домашна, а за килограм брашно да купат четири килограми домашна пченица.

„Нема да има потреба од наша страна да воведуваме реципроцитетни мерки“, изјави српскиот министер Љаиќ по средбата со Димовски во Скопје.

„Уредбата на македонската влада ќе биде укината во наредниот период“, информираше Љаиќ без да прецизира кога точно тоа ќе се случи.
Македонскиот министер не истапи со изјава во јавноста.

Средбата на Љаиќ и Димовски уследи по заканите од официјален Белград дека ќе бидат воведени реципрочни мерки со кои ќе се забрани узвоз на македонски домати и вино. Србија исто така побара да биде одржан состанок на ЦЕФТА (Договор за слобoдна трговија во централна Европа) во која членуваат и Србија и Македонија. И покрај денешниот договор оваа тема ќе биде на дневен ред на состанокот на ЦЕФТА, закажан за 22 јули, во Белград.

Претседателот на асоцијацијата на земјоделците Ефтим Шаклев претходно ја поздрави одлуката за ограничување на српската пченица.

„Треба да се има разбирање за оваа мерка бидејќи условите за производство на пченицата во Македонија и Војводина не се исти. Нашите производствени трошоци се многу поголеми, а приносите се помали, така што на ниту еден начин не можеме да сме и конкуренција на српската пченица произведена во Војводина“, изјави Шаклев.

По денешната одлука за укинување на уредбата која ја соопшти српскиот министер Љаиќ од Асоцијацијата на земјоделците немаше реакција.
XS
SM
MD
LG