Линкови за пристапност

Македонците веруваат дека судството и политичките партии се најкорумпирани


Според најновиот извештај на Транспаренси интернешенал, веднаш по нив се полицијата, здравството и парламентот.

Во извештајот на Транспаренси интернешенал што го истражува присуството на корупција во животот на луѓето во светот, групата нашла дека корупцијата е многу реален товар. Повеќе од еден на четворица, од вкупно 114 илјади анкетирани од 107 држави во светот рекле дека платиле поткуп минатата година.

Глобалниот барометар на корупција 2013 исто така нашол дека во премногу држави институциите на кои луѓето се потпираат за борба против корупцијата и друг криминал ја немаат довербата на народот. Во 36 држави полицијата се смета за најкорумпирана.

Во Македонија 68 проценти од анкетираните кажале дека сметаат оти судството и политичките партии во државата се корумпирани. Веднаш потоа се јавните службеници со 55 проценти, а потоа полицијата, здравството и парламентот со 53 проценти. Педесет и два проценти сметаат дека медиумите се корумпирани, а 46 отсто тоа го мислат за образованието.

Седумнаесет проценти од испитаните во Македонија известиле дека платиле поткуп за некој вид јавна услуга изминатата година, а една третина, или 33 проценти рекле дека веруваат оти обични луѓе можат да направат разлика во борбата против корупцијата.
XS
SM
MD
LG