Линкови за пристапност

Владата не сака да го коментира извештајот на Стејт департментот

  • Борјан Јовановски

А за познавачите на меѓународната политика „нема ништо што е не е познато за нас во овој извештај“.

Извештајот на Стејт департментот за состојбата со човековите права во Македонија предвизвика внимание во јавноста поради острината на забелешките изнесени во извештајот. Политичките субјекти не ги коментираа наодите пласирани во Извештајот. Владата и четири дена по објавата нема реакција.

Одговор не добивме ниту од службата за информирање на владата и покрај нашето инсистирање.

Ги прашавме познавачите на меѓународната политика. За нив нема ништо што е непознато за нас во овој извештај:

„Тоа се добро познати работи кои се наша реалност. Она што е проблем е како тие проблеми да бидат разрешени. Оваа влада не обрнува внимание на критиките однадвор задоволувајќи се од легитимитетот на се` поисцрпениот народ кој бара сламка за спас“, вели Денко Малевски прогефор по меѓународно право.

Сличен став има и Едмонд Адеми од институтот Либерта. Според него извештајот е објективен и прецизен.

„Извештајот се објави во саботата, а веќе во недела на изборите власта ги потврди сите наоди, илустрирајќи ги со начинот на кој се прекршија принципите и правилата на правната држава за време на изборниот процес“, вели Адеми.

Впечаток во јавноста направи и разликата во формулациите за истите состојби во извештајот на официјален Вашингтон и оној кој минатата недела стигна од Европската комисија, а се однесуваше меѓу другото и на истите области.

„Извештајот на ЕК создава конфузија и ги фрустрира борците за човекови права во земјава. Извештајот на Стејт департментот, пак, покажува поголема објективност и строгост, покатегоричен е во оценката за назадувањето, но и попесимистички во прогнозите ако овој тренд продолжи“, вели професорот Љубомир Фрчкоски.
XS
SM
MD
LG