Линкови за пристапност

Мирен изборен ден, но злоупотребени ресурси и медиуми

  • Борјан Јовановски

Објавен прелиминарниот извештај на набљудувачката мисија на ОБСЕ и ОДХР за локалните избори во Македонија.

Денот на изборите мина мирно, но забележани се одредени неправилности, соопшти денска наљудувачката мисија на ОБСЕ и ОДХР презентирајќи го прелиминарниот извештај за текот на локалните избори во Македонија.

„Процесот на гласање се одвиваше мирно, но сепак процедурите не беа испочитувани во некои од гласачките места што ги посетивме. Беа забележани технички неправилности. Продолжија случаите на групно гласање и не секогаш се почитуваше тајноста на гласањето“, изјави шефот на набљудувачката мисија Герд Аренс.

На денешната прес конференција набљудувачката мисија добила кредибилни обвинувања за заплашување на гласачите и за злоупотреба на државните ресурси во кампањата.

„Наводите за заплашување на граѓаните и злоупотреба на државните ресурси продолжија за време на кампањата. Набљудувачката мисија забележа неколку случаи на партиски материјали за кампања поставен на државен имот.

Набљудувачите исто така забележаа неколку случаи на владини функционери кои учестуваа во кампањата со службени возила дури и кога безбедносната ситуација не го налагаше тоа. Покрај тоа владата во текот на кампањата најави покачување на пензиите, на социјалната помош и на финансиската поддршка на земјоделските производи. Извесен број на набљудувачите информираа за заплашување на гласачите особено на оние вработени во јавниот сектор. Сето ова ја помати границата помеѓу државната активност и кампања и не е во согласност со параграфот 5.4 од Копенхашкиот докумет на ОБСЕ”, се вели во прелиминарниот извештај на ОБСЕ и ОДХР.

Во врска со медиумската покриеност на кампањата ОБСЕ и ОДХР забележале пристрасност на медиумите кон владеачките партии и во квантитет и во квалитет.

„Сите следени електорнски медиуми, освен ТВ Телма, редовно известуваа за владините активности, но не правеа разлика помеѓу државни активности и активности на изборната кампања. Јавниот сервис МРТ не обезбеди изедначено покривање на кампањата”, се вели во извештајот каде се забележува дека МРТ 1 не организирала никава дебата и соочување на кандидатите. Со слични оценки за изборниот процес истапија и домашните набљудувачи.

“Посуштинските забелешки на невладината организација се насочени кон однесувањата на политичките партии, кандидати и функционери за време на изборната кампања, при што е забележана злоупотребата на државни и јавни ресурси, користењето на службени возила, присуството на малолетници на митинзите на политичките партии, а мошне често и говор на омраза” се вели во извештајот на невладината МОСТ.
XS
SM
MD
LG