Линкови за пристапност

Македонија: Игра со нервите на јавноста?!


Вчерашниот предлог на СДСМ, власта експресно го одби. Денешниот нов предлог на ВМРО-ДПМНЕ ја доживеа истата судбина од опозицијата. Македонија во длабока политичка криза.

Вицепремиерот Зоран Ставрески денес на опозицијата и` понуди пролонгирање на рокот за пријавување кандидати за локалните избори до 3 март, за таа да има доволно време да пријави свои кандидати, ако опозициoните пратеници уште утре се вратат во Собранието, кое во полн состав би изгласало измени во Изборниот законик, со што пролонгирањето би добило и правна рамка.

СДСМ веднаш го одби предлогот, оценувајќи го како „врвно лицемерие со кое продолжува досегашниот неодговорен пристап на врвот на ВМРО ДПМНЕ, без елементарно чувство, разбирање и грижа за националните интереси и иднината на Македонија“.

Опозицијата и понатаму останува доследна на барањето за предвремени парламентарни избори:

„Сојузот за иднината не одлучи да ги бојкотира престојните локални избори затоа што немаше време да состави кандидатски листи, туку, оваа наша одлука е одговор на партиско-полициски пуч на власта, во кој и самиот Ставревски, по налог на Никола Груевски беше директно вклучен, заради што беше суспендирана парламентарната демократија и поништен легитимитетот на државните институции“.

Според денешниот настап на Ставрески, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нивниот предлог е конструктивен и дека со него „се отвара можност СДСМ да влезе во нормалните политички процеси во Република Македонија на еден легитимен и разумен начин и да овозможи продолжување на интеграциските процеси на земјава во евро-атланските структури“.

Но, иако ВМР-ДПМНЕ излезе со став дека ако и овој предлог биде одбиен, „очигледно ќе биде дека идејата на опозицијата е да продолжи со создавање на проблеми во земјава, а не обезбедување на евроатлантската иднина“, СДСМ остана на барањето да се одржат предвремени парламентарни избори ако „Сојузот за иднината“ освои еден глас повеќе на локалните избори.

СДСМ е децидна дека доколку во ВМРО-ДПМНЕ навистина веруваат во поддршката на граѓаните и во победата на претстојните локални избори, нема никакво логично образложение зошто упорно го одбиваат предлогот на Бранко Црвенковски, според кој, „одлуката дали ќе има или не предвремени парламентарни избори, треба да ја донесат граѓаните на претстојните локални избори, а не ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ“.

Од СДСМ денес потенцираа дека „јавноста повторно се увери во игнорантскиот однос на Никола Груевски за актуелната политичка криза и за уште потешките последици кои можат да произлезат од нејзиното продлабочување. За жал, и по денешната прес конференција на која всушност, и немаше никаков предлог од ВМРО-ДПМНЕ, јасно е дека Груевски искрено не посакува решавање на политичката криза“.

Во дел од медиумите се појави и шпекулација дека денешниот експресен негативен одговор на СДСМ, предизвикал несогласување меѓу членството на партијата, зашто, најновиот предлог на власта, всушност, бил прифаќање на претходниот предлог на потпретседателот на СДСМ Зоран Заев, за одложување на рокот за пријавување на кандидати за градоначалници и советнички листи за претстојните локални избори. Заев понуди план од пет точки, кој ВМРО-ДПМНЕ веднаш го одби, како што и денес, СДСМ експресно го одби предлогот на владеачката партија,, според дел од медиумите, без поширока дебата и без консултација на членството.

По ваквиот одговор на СДСМ, пратеникот Илија Димовски, директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, изјави: Повикувањето на бојкот не е демократска алатка. Тоа го нема никаде во подобро развиените држави. Во Европа ниту некој познава форма на бојкот на институции, ниту некој познава форма на бојкот на избори. Демократијата е едно од суштествените права на граѓаните во оваа цивилизација.

Но, со најновиот негативен одговор на опозицијата, само е потврдена Декларацијата за обнова на демократијата, слободата и правдата во Македонија, со која опозицијата на политичката конвенција, вчера во Куманово, уште еднаш побара предвремени парламентарни избори. Декларацијата има пет точки кои предвидуваат враќање на демократскиот европски колосек на Македонија, повик за бојкот на локалните избори, нелегитимитет на претстојните избори, враќање на мандатите на пратениците на опозицијата и ревизија на локалните избори и поништување на резултатите.

Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, на конвенцијата на здружената опозиција во Куманово порача дека отпорот ќе јакне и ќе се интензивира во целата земја, а секој глас на оние што нема да излезат на изборите - нема да биде пропаднат, туку ќе претставува глас на народот.

„Ќе биде тешко, но ве уверувам дека на крајот ќе победиме“, рече Црвенковски, според кого, додека власта „се бори за своите џебови, опозицијата се бори за иднината“.

„Од Никола Груевски, до секоја шуша, единствена грижа им е кога и како ќе се повлечам. Решиле СДСМ од мене да ја спасуваат. Дваесет години од мене се комплексираат и фрустрираат. Да им порачам и до мај и по мај, бил или не претседател, од мене за вас - спас нема!“, потенцираше Црвенковски во Куманово.

Тито Петковски од НСДП, вчера истакна дека е долго време во македонската политика, но и дека „вакви демагози, блефери и преваранти никогаш не ја воделе Македонија и на нив мора да им се стави крај... Груевски инсталираше партиско-полициска држава. Него не го интересираат ни локални, ни партиски избори, го интересира само богатењето... Немојте да наседнувате - назад нема! Овој диктатор посакува и ја води Македонија назад, тоа што тој го прави, уценувајќи ги граѓаните да излезат на гласање, го има само во тоталитарните режими!“, рече Петковски.
XS
SM
MD
LG