Линкови за пристапност

Македонија: „Новинарството е поразено“


Зоран Иванов по отказот во ТВ Алфа за Гласот на Америка вели дека новинарството во Македонија ја изгубило смислата.

“Вулгарната дневна политика го купи, го присвои, го окупира целиот македонски медиумски и новинарски простор. Го промовираше во картелска пропагандна машинерија, ги обесправи и ги понижи новинарите и ги вјарми во алатки за бесрамни манипулациии. Во плурална Македонија новинарството ја загуби смислата. Тоа стана егзекутива на политиката управувана од владејачкиот партиски пропаганден центар!”, напиша во своето обраќање до јавноста, еден од доајените на македонскиот журнализам, уредник во повеќе медиуми, Зоран Иванов, откако вчера го доби отказот од ТВ Алфа.

Несакајќи да биде дел од актуелното македонското новинарство кое, според него, е „само егзекутива на политиката, односно, на владеачкиот партиски пропаганден центар“, Иванов потенцира дека „по четириесет години новинарска работа, новинарска борба, новинарска посветеност, новинарски ентузијазам, новинарски идеализам“, не може да си дозволи да биде дел од актуелната македонска новинарска историја.

Во знак на протест за ситуацијата во која најпознатите телевизиски новинари без објаснување, исчезнуваат од екраните, на Денот на македонското новинарство, тој ги врати сите новинарски награди добиени во долгогодишната кариера, меѓу кои и трите државни „Мито Хаџивасилев Јасмин“, двете награди „Крсте Петков Мисирков“ за новинар на годината, наградата за животно дело во новинарството и сите други новинарски награди и признанија.

Истакнувајќи дека неговите „човечки и професионални скрупули и севкупно животно и новинарско искуство“, не му дозволуваат да биде „дел од овој актуелен македонски новинарски отпечаток“, Иванов во писменото обраќање, резимира дека македонското новинарство е поразено и дека и тој е дел од тој пораз.

По повод одлуката да го напушти новинарството и да ги врати добиените награди, за Гласот на Америка на македонски јазик, Иванов изјави дека „многу новинари ја изневерија, ја продадоа, ја погазија професијата. Политиката, нејзината доминација, а не новинарската посветеност, за нив го купи, го освои, го загосподари медиумскиот и новинарскиот амбиент. Нивната симбиоза и партиски активизам го истуркаа новинарството од медиумите“.

Како поранешен уредник на стотици новинари во неколку редакции, Иванов, и за Гласот на Америка на македонски јазик, го потенцираше прашањето кое себеси си го поставува: „За каде, за кој простор и за кои редакции ги учевме младите новинари, која ли лажна надеж им влевавме за убавата и во истовреме, проклета професија – новинарството? Имавме проблеми со сите власти, но ова денес ... е картел, тешка индустрија за манипулација“.
XS
SM
MD
LG