Линкови за пристапност

Дачиќ во Македонија


Српскиот премиер побарал воздржаност од Македонија во однос на косовското прашање

„На Македонија не и` се заканува опасност од Србија, ниту за нејзиниот опстанок, ниту за идентитетот. Напротив, Србија само може да помогне ако таква опасност постои од некои други страни, во политичка смисла“, изјави српскиот премиер Ивица Дачиќ по средбата со македонскиот премиер Никола Груевски во Скопје.

Тој, говорејќи за темите кои биле на маса за време на официјалните разговори рече дека фокусот бил ставен на економската соработка и евроинтегративните процеси, бидејќи двете земји немаат отворени прашања, освен црковното, кое како што истакна премиерот Дачиќ, им го оставаат на двете цркви. Но и едно прашање за кое двете страни имаат различен став - Косово. Српскиот премиер, како што изјави на прес конференцијата, побарал воздржаност од Македонија во однос на косовското прашање, додека траат преговорите Белград- Приштина во Брисел. На новинарско прашање за отстранувањето на споменикот на ОВПМБ во Прешево, Дачиќ со одговор дека властите само ги спроведувале законите.

„Србија не е „банана“ република, таа има свои закони. Кажете дали во Њујорк постои споменик на Ал Каида, или споменик на терористички групи во Шпанија или Лондон. Не знам како е тоа регулирано во Македонија. За мене ова е ништо друго, туку провокација против државата Србија. Нема врска со правата и слободите“, рече Дачиќ. Тој ја коментираше и реакцијата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека неговата посета не е во добро време, притоа алудирајќи на отстранувањето на споменикот во Прешево.

„Зошто се огласуваат овие партии и каква врска има тоа едно со друго. Кога јас можам да разговарам со Хашим Тачи, можам да разговарам и со мојот пријател Никола Груевски“, рече тој.

Премиерите на Македонија и на Србија разговарале и за предизвиците со кои се соочуваат двете земји во евроинтеграциите - Србија со косовското прашање, а Македонија со спорот со Грција за уставното име, од кои зависи и оценката што двете земји треба да ја добијат во јуни, а од кои пак зависи добивањето датум за почеток на преговорите за членство во Унијата.

„Тоа ќе претставува валоризација за преземените реформи и чекори на овој план и ќе биде вреднување на нашата посветеност и одговорен однос за надминување на предизвиците преку дијалог и одржливи решенија, но и стимулација за поддржување на напредокот во сите сфери кои имаат влијание на евроинтерграциите“, рече премиерот Груевски.

„Заеднички интерес ни е да бидеме членки на ЕУ. Тоа ќе значи поголема стабилност за регионот. Србија ја дава поддршката за Македонија што побргу да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ“, додаде Дачиќ.

Во делот посветен на економската соработка, македонските власти биле информирани и за една идеја на Србија, стара стотина години, за пловно поврзување на Белград со Солун: Дунав – Морава – Вардар - Егејско море.
Македонскиот премиер ја истакнал и поддршката на македонската Влада за разработката, анализата и изработка на студии за проектот, кој сега е во фаза на испитување на неговата оправданост, по што би следеле и анализи за пловноста на Вардар. За подобрување на комуникацијата меѓу двете земји, најавено е отворање на три нови гранични премини на македонско-српската граница и тоа помеѓу населените места Лојане - Миратовац, Огут - Тртовиште и Татаринац - Славуевац. За во мај, пак, договорена е заедничка седница на македонската и српската влада во Белград, како дополнителен импулс во развивањето на билатералните односи.

Во изјава за агенцијата „Макфакс“, портпаролот на ДУИ Бујар Османи изјавил дека министрите на ДУИ ќе учествуваат на заеднички седници со владите од соседните земји во зависност од темите што ќе се разговараат.

„Заеднички средби на влади од соседни и други земји е пракса во регионот и пошироко. На тие средби се разгледуваат заеднички прашања и решавањето на тие прашања со поголема динамика. Досега е разговарано со Владите на Албанија, Србија и Бугарија за заеднички седници. Нашите министри ќе учествуваат на заеднички владини седници во зависност од темите што ќе се разгледуваат. Во програмата на ДУИ регионалната соработка е во приоритетите“, рекол Османи.
XS
SM
MD
LG