Линкови за пристапност

Кои се почитувачите на Хес?

  • Соња Трајковска

Некролог објавен во македонските дневни весници „Дневник“ и „Вест“ ги разбуди духовите на една од најмрачните идеологии.

Фотографијата на нацистот Рудолф Хес, проследена со текст во кој се величаат неговите дела, потпишан со „Неговите почитувачи“ се појави во сегментот за мали огласи и тажни помени.

„...25 години од смртта на човекот кој помина 46 години затвор само затоа што веруваше и остана доследен на неговата идеја и го презеде храбриот подвиг за мировна мисија. Затоа вечно ќе се памети затвореникот на мирот. Тој се осмели...“, пишува меѓу другото во текстот, кој веднаш предизвика негативни кај јавноста, кај историчарите, во медиумите и на социјалните мрежи.
Никој не знае кои се поддржувачите на еден од најголемите нацистички идеолози, ниту пак како најтиражните весници во Македонија дозволиле да биде објавен ваков некролог.

Компанијата „Ме­диа принт Ма­ке­до­ни­ја“ им се из­ви­ни на чи­та­те­ли­те, нарекувајќи го ова, „не­на­мере­н про­пуст и гру­ба зло­у­пот­ре­ба на просторот за пла­си­ра­ње со­др­жи­ни кои ни­ту ре­дак­ци­и­те ни­ту ком­па­ни­ја­та не са­мо што не ги под­др­жу­ва­ат ту­ку и ос­тро го осу­ду­ва­ат“. Од Компанијата најавуваат внатрешна истрга, а случајот е пријавен и во полиција.

Во МВР не знаат кои се „почитувачите“ на Хес. Таква група официјално не е
регистрирана во земјата, иако поединци биле откривани и санкционирани.
„ Би сакале да ги прашаме неговите почитувачи: Дали знаат што е нацизам?“, реагираше Еврејската заедница во Македонија.

„Дали ја знаат идеологијата што нацизмот ја застапува?Дали го знаат бројот на жртвите на нацизмот? Дали знаат што значи конечно решение и холокауст и дали можат да одговорат на прашањето која е вината на милионите деца, меѓу нив и на новороденчиња на кои во гасните комори им беше окончан штотуку започнатиот живот?“, се вели во реакцијата на Еврејската заедница во Македонија.
Оттаму уште прашуваат -дали ова не е време да се донесе закон за забрана ширење на антисемитизам и негирање на холокаустот.

И македонските историчари предупредуваат – не смее да се дозволи повторување на историјата, и тоа во погрешна насока.

Гробот на Хес во Германија со години беше место на кое неонацистите доаѓаа да се поклонат, а на годишнината од смртта организираа и маршеви. Од минатата година, тој повеќе не постои, бидејќи тамошните власти одлучија срамниот дел од историјата да го затворат.
XS
SM
MD
LG