Линкови за пристапност

Интервју: Вилијам Сатон, водечки економист во Светската банка

  • Гоце Јаневски

Македонија да се подготви и да го прилагоди земојделството на климатските промени, советува експертот.

Климатските промени не се само еколошка закана, тие се предизвик и за земјоделското производство, според неодамнешна студија на Светската банка на оваа тема. Регионалната студијата одблизу ја анализира и состојбата Македонија.

За да се адаптираме на климатските промени, потребно е тие да се разберат во контекст на производствениот сектор, наведува Вилијам Сатон, авторот на студијата „Гледајќи подалеку од хоризонтот: како влијанието на климатските промени и решенијата за прилагодување ќе го преструктурираат земјоделството во источна Европа и централна Азија“.

Ова е дел од интервјуто на Сатон за Гласот на Америка на македонски.

Глас на Америка на македонски: Како климатските промени ќе влијаат врз земјоделското производство во Македонија?

Вилијам Сатон: Главен ефект од глобалното затоплување секаде во светот, и во Македонија, е врз нивото на врнежи и пристапноста до водата воопшто. Со зголемување на температурите, водата ќе испарува побрзо, насадите ќе бидат жедни, а водата во некои делови ќе биде недостапна.

Глас на Америка на македонски: Какви мерки можат да бидат преземени за да се намали негативното влијание врз земјоделското производство?

Треба да се пристапи заеднички. Земјоделците се тие кои треба да ги направат промените.
Вилијам Сатон: Во некои случаи, како што се областите на повисока надморска височина, Македонија може и да има корист од климатските промени, со одгледување на некои житарици и јаболка, на пример. Но, тоа ќе биде ограничено на повисоките планински делови. Во главните земјоделски реони, во долините, главниот проблем ќе биде достапноста на вода за наводнување. Во некои делови од земјата, посебно на југ, покрај Црна Река, но и покрај Пчиња, на пример, според нашите проценки ќе нема доволно вода за системот за наводнување. Иако постои неопходната инфраструктура за наводнување, може да има недостаток од вода. Некои од нашите препораки се како да се користи водата на поефикасен начин: да се обучат земјоделците на начините за заштита на водата и како да ја користат на поефикасен начин; како да се користи системот капка по капка наместо системот со распрскувачи; поправка на каналите, да се избегне губење на водата, и зголемување на капацитетите за акумулациите.

Глас на Америка на македонски: Каква одговорност има владата, но и приватниот сектор и меѓународната заедница во справување со последиците?

Вилијам Сатон: Треба да се пристапи заеднички. Земјоделците се тие кои треба да ги направат промените. Треба да им се овозможи обука, финансии и инфраструктура за да можат да се справат со предизвиците. Во претходните неколку години, Светската банка ја помага Македонија за да го зајакне земјоделството, да се справи со климатските промени и да ја зголеми продуктивноста. Исто така, една од предностите на Македонија се предпристапните фондови на Европската унија за рурален развој. Една од областите каде ЕУ ги поттикнува земјоделците е адаптацијата на производството во однос на климатските промени.
XS
SM
MD
LG