Линкови за пристапност

Родовата еднаквост на голема врата во Македонија


Сепак, од 1991 дo 2014, само 17 жени биле на министерска функција, наспроти 187 мажи.

„Жената, пред сè, треба да биде признаена и женскоста треба да се признае морално, правно и политички“, рече професорот д-р Денко Скаловски, учесник во кафе-дебата која викендов, во пресрет на Денот на жената 8 Март, се одржа на тема „Жената како политички актер: меѓу легислативата и практиката“, во организација на Европското движење во Република Македонија (ЕДРМ).

Според учесниците на дебатата, Македонија е во редот на првите дваесет земји во светот, според вклученоста на жените во политиката и на местата на одлучување, со 34-процентна застапеност на жените-пратенички во парламентот и со 30 проценти жени- советнички во локалната самоуправа.

Но, иако беше истакнато дека родовата еднаквост „се воведува на голема врата во Република Македонија, пред сè како модел на едно модерно демократско општество какво што континуирано се гради изминатите 25 години, откако Македонија стана независна држава, но и како дел од официјалната политика на Европската унија“, на дебатата беше истакнато и дека и покрај законските решенија, во практика не може да постои задоволство од бројот на жени вклучени во политиката.

Во медиумите беше објавен податок дека во владите на Македонија од 1991 дo 2014, само 17 жени биле министерки, наспроти 187 мажи на министерска функција.

Учесниците на дебатата се согласија дека „жените се премногу долго маргинализирани во политиката и тоа треба да се смени“, како и дека „рамномерната вклученост на двата пола во политиката овозможува поголем квалитет на полето на социјалната правда, на човековите права и на демократијата“.

Покрај „Вечерите на женски права“ кои се во тек, деновиве ширум Македонија се одржаа и ќе се одржуваат маршеви за родова еднаквост.

Викендов во Гевгелија, под мотото „За рамноправност, за живот“, Форумот на жени на СДСМ, го одржа Петтиот марш за рамноправност, на кој лидерот на партијата Зоран Заев истакна дека: „Убава е Македонија и заради тоа има женско име, убава е Македонија затоа што ги има најубавите жени на светот, но и среќна е Македонија, заради тоа што има храбри жени, жени борци, борци за својата татковина!“

„Ова денеска е и марш на победата и за Мира, самохрана мајка, која ризикуваше да го изгуби своето работно место, бидејќи и лани стоеше со нас овде кога зборувавме за промените. Денес Мира заедно со вас ги донесе промените! Ова е марш и за победата на Назифе. Знам дека и годинава и таа е тука. Лани беше штотуку вратена од породилно отсуство и стравуваше дали ја чека истото работното место. Стравот се покажа оправдан зашто работи, ама не на нејзиното работно место. Денес и Назифе е носител на промените во Македонија!... Ова е марш и за Јелена, и за Фатма, и за Фаница, и за Александра…Ова е марш за жените кои се Клара Цеткин и Роза Луксембург на денешнината во Македонија“, рече Заев во неделата.

Третиот национален марш за родова рамноправност ќе се одржи во Куманово на 8 Март во организација на здружението „Јустиција“, како оддавање почит кон жените кои го дале својот придонес и кон сите направени чекори кон родовата рамноправност.

И Платформата за родова еднаквост во среда на 8 Март организира „Марш за правата на жените, како своевидно испраќање порака дека родовата еднаквост е важен фактор кон постигнување на демократско и еднакво општество, особно ако се земе превид родовиот јаз во економската, политичката и социјалната сфера во Македонија.

XS
SM
MD
LG