Линкови за пристапност

„Скопје 2014“ тема на новата „бомба“ на опозицијата

  • Борјан Јовановски

СДСМ тврди дека премиерот Груевски се занимава со се`, само не со својата работа. ВМРО-ДПМНЕ возврати дека во проектот нема ни К од криминал

Опозицијата денес од кампот на демонстранти пред Владата претстави нови аудио-снимки од наводни телефонски разговори меѓу премиерот Никола Груевски и довчерашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески на коишто се слуша како се договара изградба на објекти во рамките на проектот „Скопје 2014“.

Во еден од разговорите, како што рече Дамјан Манчевски од СДСМ, којшто ги објави снимките, се слуша како Груевски и Јанакиески договараат државни институции да се вселуваат во објектите на диво.

Од претставените разговори, како што вели Манчевски, е јасно кој стои зад целиот проект „Скопје 2014“.

„Никола Груевски е тој кој црта и прецртува балкони на барокни хотели, се занимава со изведувачи на изградба на објекти и си признава дека Валентина Божиновска е режимски скулптор“, рече Манчевски.

Објавувајќи ја денешната таканаречена „бомба“, опозицијата го обвини Груевски дека тој се занимава со се`, само не со својата работа.

Во една од снимките, на наводен разговор меѓу Груевски и Јанакиески, се слуша како премиерот одлучува каков ќе биде дизајнот на двокатните автобуси во Скопје, па во еден момент гласот бара во автобусите да има портокалова боја, поради, како што се слуша, потребата да биде забележано времето кога се набавени.

„Нема потреба, Груевски, од портокалово на автобусите. „Скопје 2014“ ќе остане засекогаш надгробен споменик на твојот режим“, изјави Манчевски.

Во серијата аудио-снимки се и наводни разговори меѓу премиерот и министерот за транспорт и врски за тоа што е барок, а што класицизам, и која зграда каков стил треба да има.

„Денес ни е јасно зошто немаме нови болници, училишта и патишта, ама имаме музеи, барок и споменици. Денес ни е јасно зошто граѓаните на Македонија се толку сиромашни“, рече Манчевски на крајот од прес-конференцијата по која уследи дебата за проектот „Скопје 2014“, организирана во кампот на демонстрантите пред Владата.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагираше на објавените материјали со соопштение во кое се обраќа до опозиционот водач Зоран Заев: „Готово е Заев, готово е! Колку и да се обидуваш да шириш некоја лажна еуфорија помеѓу твоите, колку и да го пушташ Дамјан Манчевски наместо тебе да дава лажни наративи и воведи за креираните, сечени и монторани материјали, на целата јавност веќе и е јасно дека твоето мрачно сценарио доживеа дебакл, а ти самиот сега не знаеш како да се извлечеш од поразот кој по кој знае пат ти го испорачаа граѓаните, но требаше да мислиш порано“.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека Заев со објавувањето на материјалите практично и` прави услуга на владејачката партија.

„Пет години, а особено последните пет месеци, трубеше на фанфари дека наводно во Скопје 2014 имало некаков наводен криминал, за денеска дури и со твоите креирани материјали да се увиди дека нема ни К од криминал, туку напротив има залагање за реализација на проекти кои се од интерес на сите граѓани и ние сме благодарни што и ти самиот со твоите креирани материјали тоа го потврди.

Би сакале да ти заблагодариме и што потсетуваш и ни ги промовираш проектите, новите над 300 автобуси со кои дневно се возат над 110.000 граѓани, новиот Аква парк, планот за изградба на модерен Луна парк, новите објекти кои се изградени за институциите да имаат седишта како секаде во светот и да не плаќаат скапи кирии како потстанари, што ти и со твоите монтирани материјали покажуваш дека сме луѓе кои се залагаат да се направат работи за да го подобрат животот на граѓаните и сме фокусирани да ги исполниме ветувањата кои сме ги дале пред народот“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

XS
SM
MD
LG