Линкови за пристапност

Активистки бараат Македонија да ја ратификува Истанбулската конвенција

  • Синиша Станковиќ

27 невладини организации потенцираат дека насилството врз жените и децата треба да биде посебно кривично дело во Кривичнииот законик

„Сметаме дека е време Република Македонија да му посвети должно внимание на родово базираното насилство и да го криминализира насилството врз жената и системски да ги адресира овие посебни форми на насилство чијашто цел е жената поради нејзината биолошка и социолошка природа... Затоа, бараме итна ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа на спречување и заштита од насилство врз жени и домашно насилство (Истанбулска конвенција), којашто ги третира овие видови насилство, специјално насочени кон жените и девојките, низ повеќе одредби…. Ратификацијата на овој документ ќе доведе до соодветно регулирање на силувањето и адекватно казнување на ваквите случаи, а воедно ќе понуди и едно системско менување на институционалниот одговор кон сите видови насилство врз жената и семејно насилство“, се вели во соопштението на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Бети Пеева, ЕХО

Бети Пеева, ЕХО

По повод соопштението, Бети Пеева од Едукативната хуманитарна организација - ЕХО, една од членките на Мрежата, за Гласот на Америка на македонски јазик изјави: „Глобално гледано, правната регулатива во Република Македонија, во однос на третманот на насилството врз жените, не соодветствува со актуелните меѓународни стандарди. Евидентно, ако се раководиме според статистиките на национално ниво, а и оние кои ги поседува нашата организација, во 96-97% од пријавените случаи на семејно насилство се жени. Овде не можеме да зборуваме и за останатите видови на насилство врз жени, бидејќи во Македонија, тоа и не е правно регулирано со посебни закони, согласно позитивната меѓународна регулатива.

Преку донесувањето на новиот Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство Република Македонија опфати само еден сегмент од насилството врз жената, бидејќи самиот закон не содржи родово базирана терминологија односно, освен во член 4 каде е даден Поимникот, законот не користи термини и дефиниции што овој вид на кршење на човековите права го определуваат како родово засновано насилство врз жените, т.е. насилство насочено против жената, само затоа што е жена, или коешто несразмерно ја погаѓа, ниту пак, ја става токму жената во центарот на координираните и кон потребите на жртвата насочени мерки на превенција, заштита и спречување на семејното насилство“.

Последното барање Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство уследи по неодамнешното злосторство во Крива Паланка, каде на 10-ти август била „пронајдена жена без облека, врзана со синџир за нозете и заклучена со катанец. Косата ѝ била исечена. Првичните наоди се дека била силувана и брутално малтретирана од засега непознат сторител. 35-годишната жена е штитеник на Дневниот центар за лица со посебни потреби, но живее сама во семејната куќа. Овој случај претставува повеќекратна дискриминација на жената, каде што се искористува нејзината ранливост, пред сѐ, како жена, штитеник на здравствена институција, без поддршка на блиско семејство и со ограничена деловна способност“, истакнуваат од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Мрежата, во којашто членуваат 27 организации и коишто повеќе од 20 години работат на посебните форми на насилство врз жената, бара од надлежните институции од Македонија да преземат мерки да го решат конкретниот случај и соодветно да го казнат сторителот, зашто претставува грубо кршење на човековите права, особено на женските сексуални права и слободи, кои само делумно се решени во Кривичниот законик.

Но, според Пеева, „иако на 1-ви август годинава се наврши една година од стапувањето на сила на Конвенцијата на Советот на Европа за заштита и борба против насилство врз жените и семејно насилство, позната како Истанбулската конвенција (која е преседан затоа што го криминализира насилството врз жените во сите негови форми, од сексуално насилство и силување, до демнењето, сексуалното малтретирање и психолошкото насилство од страна на интимните партнери), сведоци сме дека во Македонија се` уште не постои политичка волја да се ратификува Истанбулската конвенција“.

Во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, Пеева е децидна дека со потпишувањето на конвенцијата, Република Македонија „ќе преземе обврска и одговорност за донесување на законодавни и други мерки за со должно внимание да се спречат, да се истражат, да се казнат ваквите дејствија и да се обезбеди репарација за актите на насилство опфатени со Конвенцијата, коишто се извршуваат од недржавни актери, а со кои се гарантира правото на сите, а особено на жените, да живеат слободни од насилство како во јавната, така и во приватната сфера“.

XS
SM
MD
LG