Линкови за пристапност

„Македонски манифест“ - писмо до Трамп

  • Синиша Станковиќ

Група македонски интелектуалци бараат избраниот американски претседател да застане на страна на правдата во однос на Македонија

„Гордиот американски народ е слободољубив. Такви се и Македонците. Токму затоа мислиме дека вие лесно ќе ги разберете нашите мотиви за одбрана од заканата што виси над нашиот народ како облак на смртта. Токму затоа и апелираме до вас да се заложите да победи правдата, а тоа значи да си го зачуваме името, кое е ризница на нашиот милениумски идентитет“, се вели во писмото што група македонски интелектуалци од организацијата „Македонски манифест“ го испратија до избраниот американски претседател Доналд Трамп.

„Улогата на САД на меѓународната сцена е позната и исклучително значајна, затоа што станува збор за држава со планетарна моќ. Токму затоа се надеваме, господине Трамп, дека вие неа ќе ја изведете на нов хоризонт, кој ќе биде многу посреќен за човештвото од оној кој претходно му го нудеа вашите претежно воинствени претходници, и дека ќе ја затворите бездната на суровите конфронтации што унесреќува цели народи, нешто што е во интерес само на тесни кругови и кланови кои ги игнорираат надежите на милијарди луѓе“, се вели во писмото кое го потпишаа поетот Ефтим Клетников, историчарот Стефан Влахов-Мицов, композиторот Стојан Стојков, писателот Александар Русјаков, универзитетскиот професор Слободан Пренџов, музичарот Васил Атанасов и диригентот и композитор Запро Запров.

„Впрочем, САД и ни го признаа името и апсолутното историско право на него во 2004 година, иако потоа до денес, вашите претставници во Белата куќа се однесуваа амбивалентно кон него, без поголемо разбирање за болката и раната што ни се нанесени. Се надеваме дека како искрен човек, без маска, ќе го промените тој однос и беспоговорно ќе застанете на страна на правдата“.

Потписниците го молат претседателот Трамп да и` посвети внимание и на Македонија „која долги години е неправедно жртва на разни блокади, уцени и ултиматуми, а се` со цел насилнички да се преименува и да се разнебити вековниот македонски народ. Ние сме мирољубиви и никого не загрозуваме. Единствени сме кои од бившите југословенски републики излеговме без војна од распаднатата федерација, ама се` уште сме оспорувани, политички и правно опструирани“.

Во писмото се додава: „Почитуван господине Трамп, со насилничкото инсистирање да се преименуваме, што е надвор од сите стандарди на меѓународното право и етика, нам како Македонци ни се заканува, досега без преседан, новиот тип на геноцид замислен од некои фашизоидни планери со кој треба да ни се укине целокупната историска меморија на постоење и идентитет, што е ужасно“.

Повеќе коментари

XS
SM
MD
LG