Линкови за пристапност

Во недела шести Марш на толеранцијата

  • Синиша Станковиќ

Шовинизмот и омразата ќе донесат само хаос и деструкција, порачуваат организаторите

„Апелираме до надлежните државни органи, организации, институции и општински и општествени актери да се откажат од досегашните политики и практики и да преземат итни мерки за справување со дискриминацијата и кршењето на човековите права и слободи во земјата. Го повикуваме Јавниот обвинител Зврлевски, конечно да се запознае со делата сторени од омраза и да ја врши работата согласно надлежностите пропишани со закон. Апелираме за толеранција меѓу граѓанките и граѓаните на оваа земја, почитување на различностите и солидарноста како одговор на штетните политики на структурите на моќта. Толеранцијата е патот кој води до еднаквост, слобода и и правда. Национализмот, шовинизмот и омразата ќе донесат само хаос и деструкција, а жртви се секогаш граѓанките и граѓаните на оваа земја“, се вели во соопштението со кое преку медиумите коишто го објавија и преку социјалните мрежи, се повикуваат граѓаните на Македонија, пред се` жителите на Скопје, да учествуваат на шестиот Марш на толеранцијата што ќе се одржи во главниот град во недела на 16-ти ноември, со симболичен почеток во 5 минути до 12 часот напладне.

Според организаторите, „говорот на омраза и делата сторени од омраза врз основа на расна, верска, етничка, полова, родова и сексуална ориентација како и институционализираната дискриминација врз основа на политичка припадност, кои се резултат на длабоко вкоренети предрасуди и омраза, неминовно продуцираа поделби и тензии во Република Македонија денес... Последиците директно ги чувствуваат граѓанките и граѓаните на Република Македонија кои секојдневно се лишени од соодветно остварување на правата од здравствената заштита, образование, социјални услуги, еднаков пристап при вработување како и еднаков пристап до правда и почитување на нивната различност“.

Изразувајќи го својот протест затоа што „човековите права и слободи, владеењето на правото и слободата на говорот останаа да бидат само декларативни заложби на хартија“, организаторите по повод Меѓународниот ден на толеранција ја искажуваат својата загриженост за сериозните нарушувања на состојбите со човековите права и слободи во Република Македонија.

Вчера, пред Јавното обвинителство (ЈО), Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата симболично го искажа револтот кон институциите поради, како што наведуваат, непреземањето на чекори за решавање на шесте напади на припадници на ЛГБТИ заедницата. На второто по ред симболично попречување на влезот на институцијата, со што се илустрираше неможноста и спреченоста на припадниците на ЛГБТИ заедницата во Македонија да се изборат да им бидат заштитетни правата од државните институции, граѓански активисти и поддржувачи на ЛГБТ, во мирен протест, како „живи мртовци“, завиткани во црни кеси, лежеле пред вратите на Обвинителството. Иако вработените во ЈО го следеле мирниот протест без реакции, сепак, дошло и до обид за нивно растурање и до полициска интервенција.

Извршната директорка на Хелсиншки комитет на Македонија Уранија Пировска изјави за медиумите дека е вџашена од таквата постапка. „Имаме право да го одржуваме овој протест, кажавме дека ќе трае 30 минути и повторно од страна на полициските службеници и некои непознати, неуниформирани лица бевме попречувани да го направиме тоа“, изјави Пировска.

„Надлежниот јавен обвинител изврши увид на лице место по пристигнатото известување за слученото, по што веднаш е формиран и предмет. Во насока на откривање на сторителите, обвинителството веднаш издаде Наредба за прибавување на снимки, како и за вршење на дополнителни оперативни проверки“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство од Скопје по протестите на ЛГБТИ активистите

„Во склоп на истражните дејствија, Обвинителството ги повикува сведоците заради земање на изјава и се врши препознавање на одредени лица кои се претходно посочени од страна на оштетените. За претходните настани во кои беа извршени напади на ЛГБТИ заедницата, обвинителството има издадено наредба кон МВР за преземање на определни истражни дејствија со цел откривање на сторителите на кривичните дела“, соопштува Обвинителството..

Активистите најавуваат продолжување на протестите се додека не се расветлат сите напади на ЛГБТ заедницата последните две години

Денес, по повод Меѓународниот ден на толеранцијата - 14 ноември, Македонската академија на науките и уметностите организира национална конференција на тема „Институционален одговор кон нетолеранцијата – дискриминација и криминал од омраза”, на којашто меѓу темите за кои ќе се разговара се културолошките стереотипи и предрасуди што водат кон нетолеранција и преминуваат во дискриминација и потенцијално во криминал од омраза. Според најавите, на конференцијата треба да бидат споредбени искуства за оптималните механизми за борба против изразните форми на нетолеранција претставени преку практиките на странски тела за еднаквост, судската пракса на судот во Стразбур и работата на ОДИХР, како и механизми за борба против нетолеранцијата во Македонија.

XS
SM
MD
LG