Линкови за пристапност

Ќе се подготвува нов закон за високото образование

  • Синиша Станковиќ

Одлуката донесена на средба на претставници од владата, УКИМ, Студентскиот и Професорскиот пленум

Претставниците на Владата и на Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, како и на Студентскиот и на Професорскиот пленум, на вториот работен состанок одржан денес во просториите на УКИМ, се договорија за изработка на нов закон за високо образование, со што е исполнето главното барање на Студентскиот пленум.

Студентите веќе четири месеци со настапи во јавноста реагираа на контроверзниот Закон за високо образование - на традиционалните медиуми и на социјалните мрежи, со масовните но мирни три протестни маршеви на коишто демонстрираа илјадници студенти, и со веќе двонеделната „окупација“ на речиси сите факултети, којашто значеше и воспоставување „атономни зони“ во коишто студентите спиеја и одржуваа алтернативна настава и организираа културни настани. Во овој период, тие испраќаа порака до властите дека законот не може да биде донесен „на сила“ и без консултација на сите засегнати страни.

Ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски, денес изјави дека е постигнат заеднички заклучок да се пристапи кон изработка на сосема нов Закон за високо образование: „На денешниот состанок меѓу претставниците на

Универзитетот, Студентскиот и Професорскиот пленум, Министерството за образование и наука и Владата, се донесе еден заеднички заклучок да се пристапи кон изработка на еден нов закон за високо образование, од две причини. Прво, затоа што постоечкиот закон веќе 6 години претрпува петнаесетта измена. Второ, затоа што се согласивме во нашата заедничка определба за подигнување на квалитетот за високото образование, определба за сеопфатни реформи, не само во насока на подигнувањето на квалитетот на високото образование и подигнувањето на нивото на знаењето на студентите... Во таа

насока, ќе се формираат работни групи коишто во рокот од 30 до 45 дена ќе треба да го изработат концептот на новиот закон. Во тие работни групи ќе учествуваат сите заинтересирани страни кои беа присутни и на состаноците и по изработка на концептот за новиот закон, ќе се пристапи кон

организирање на една конференција и понатаму во пошироки работни групи кон изработка на текстот на законот. Во следната фаза, тој текст ќе биде понуден на јавна расправа, за нормално, како што завршува секој закон, забелешките од јавната расправа да бидат усогласени со предлог на текстот“.

По средбата на која присуствувале министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми, неговиот заменик Спиро Ристовски, вицепремиерот Зоран Ставрески, претставниците на Студентскиот пленум, студентите Стефан Видиков и Ивана Туфегџиќ и професорките Гордана Силјановска и Сузана Ќофкаровска од Професорскиот пленум, преттавниците на власта не дадоа изјави, а студентката Туфегџиќ најави дека за заклучоците ќе биде информиран Генералниот пленум на студентите, којшто ќе усвои ставови за постигнатиот договор.

Иако и ректорот Стојковски не прецизираше дали новиот закон ќе содржи државен испит или некаков надворешен механизам за оценување на знаењето на студентите, тој испрати апел - студентите да се вратат на предавања за да се нормализира образовниот процес.

Иако на прв поглед, Владата и Министерството за образование попуштија пред студентите, од Студентскиот пленум потенцираа дека нема да се согласат со воведување на државен испит како дел од реформскиот пакет за високото образование.

XS
SM
MD
LG