Линкови за пристапност

Се множат автономните студентски зони

  • Соња Трајковска

Студентскиот пленум ги „окупира“ и техничките факултети; реагираа МОН, ректорот на УКИМ и СПКУМ

Филолошкиот, Филозофскиот, Економскиот и Правниот факултет во Скопје веќе не се единствените автономни студенски зони. Студентскиот пленум ги „окупира“ и техничките факултети. „Автономија, автономија“ четвртокот одекнуваше низ ходниците и предавалните на Машинскиот, Техничко- металуршкиот и Факултетот за информатика и компјутерско инженерство. Исто како и средата, студентите полека ги напуштаа предавалните и им се приклучуваа на своите колеги коишто ја запоседнаа „новата територија“, со транспаренти „Индекс имам, права немам“, „Разбуди се, свести се, придружи се“.

„Тука сме да покажеме дека студентите не се само статистичка бројка на Универзитетот, тука сме да покажеме дека студентскиот активизам е жив и се шири како оган“, порачаа студентите. Велат дека не се наивни и дека нема да потклекнат на „ненадејната омекната реторика на власта“.

„Очекуваме крајниот резултат да не слушнат, да биде укинат законот и ќе почнеме од таму“ , вели Марија Грубор од Студентскиот пленум.

„Со оглед на тоа што се работи за закон против кој последните четири месеци се јави страшен отпор и кој беше изгласан од Собранието речиси насилнички, имаме причина да се сомневаме дека ваквото попуштање не значи дека Премиерот ја увидел апсурдноста на сопствениот закон, туку дека е резултат на пошироката политичка состојба“, порачаа студентите пред влезот на Машинскиот факултет во Скопје.

Во исто време, на другиот крај на градот, во вчера прогласените автономни студентски зони каде што ноќта ја минаа повеќе од стотина студенти, новиот ден започна со истиот ентузијазам како што заврши минатиот. Часовите ги минуваа во разговори со нивни колеги, со професори и граѓани коишто со донации во храна, хигиенски средства, ќебиња, вреќи за спиење, прибор за јадење, пијалоци сакаат да им помогнат во одржувањето на физичката сила. А, за одржување на духот се предавањата и дебатите и вечерните концерти.

По еднодневен молк, четвртокот се огласи и Министерството за образование (МОН). Но, ни збор за она што се случува на скопските факултети, а според денешната најава од Студентскиот пленум, следните денови и во Битола. Министерстото најави дека во понеделник ќе се одржи првата средба на работните групи и дебата за нов закон за високо образование.

„Цениме дека е од исклучително значење дискусијата помеѓу работните групи на двете страни во насока на унапредување на пакетот реформи во високото образование со цел подигнување на стандардите за квалитет, да започне во најскоро време. Во таа насока, ја прифаќаме иницијативата и предлагаме првата средба на работните групи да се одржи во понеделник, 16.2.2015, а во зависност од можностите на претставниците на двете страни, терминот и локацијата да бидат дополнително утврдени“, стои во соопштението од МОН.

24- часа по студентската окупација, меѓу студентите се појави и ректорот на Универзитетот Свети Кирил и Методиј, Велимир Стојковски. Ги избегна новинарските екипи, а студентите со кои разговараше велат дека им укажал дека и тие продолжуваат со своите активности, но со поинакви методи.

Но, во интервју за ТВ-порталот „Нова“, тој им порача дека не се согласува со нив и побара да ја прекинат окупацијата на факултетите и да седнат да разговараат околу изготвување на нов текст за Законот за високо образование, бидејќи се дел од работната група на Сенатот на Универзитетот.

„Во овој момент мислам дека бојкотот во оваа форма која се спроведува не е потребен, не можам да го разберам лично затоа што ако се бараше одложување на Законот таквото барање се доби. Тоа што моментално се случува не е добра работа. Ние во кампусот сме имале минатата година немили настани така да што да се повикуваат граѓани да носат храна, да влегуваат луѓе нелимитирани,навистина претставува ризик и од сосема поинаков аспект“, вели ректорот Стојковски за НОВА.

Со студентскиот отпор на владините реформи во високото образование, прв во македонската историја од ваков тип, не се согласува ниту Студентскиот парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (СПУКМ).

„Го ослободивме факултетот? Но од што? Од нас самите, можеби затоа што повеќе би сакале истиот да го претвориме во место за игра и песни одошто место за наука. Па да, науката е и така здодевна. Но, да потсетиме, манифестната и примарната функција на факултетите не е да се претворат во арена за конфронтација на политички ставови и интереси, на факултетите се занимаваме со наука и градиме научен профил,“ се вели во соопштението на СПУКМ.

Но, Студентскиот пленум е одлучен да продолжи токму на овој начин. Негови претставници велат, факултетите остануваат под окупација се додека не видат конкретни чекори во преговорите за изработка на нов закон за високо образование. Бараат активно учество во работните групи за изработка на нов закон, во законските измени да бидат вметнати нивните потреби како студенти, олеснување на нивните трошоци, поголеми финансии за научни истражувања, дефинирање на временска рамка во која ќе бидат осмислени измените и крај на корупцијата од обете страни.

XS
SM
MD
LG