Линкови за пристапност

Еколози: На Струга и` се заканува еколошка бомба


Причина за трендот е градската дива депонија каде годишно се одлевале 12.000 тони најразличен вид на отпад

Депонијата веќе достигнува алармантни размери, со големина од четири фудбалски терени и височина од 13 метри. Тоа се гледа и од приложените снимки направени со дрон. Депонијата може да биде причина за многу заболувања, како и за се` поголем број лица заболени од рак.

„Има огромна можност за загадување и на подземните води, нешто кое можеби е случено во моментов. Кога тие ќе се загадат, ќе треба стотици години да се прочистат ако воопшто тоа е можно. Мислам дека сето ова ќе се одрази и врз бизнис-секторот“, вели биологот Нестор Јаулески.

„Не треба да си стручњак, за да знаеш дека чадот влијае врз здравјето на луѓето. Поминати се сите граници за појавување на канцерогените заболувања кај луѓето. Може денес и кај многу помлада популација да најдете такви синдроми“, вели Берат Села, од еколошкото друштво „Натура“.

Граѓаните бараат итно решавање на проблемот со кој Струга се соочува преку една деценија, и сметаат дека е неопходна поголема ажурност како од локалните, така и од државните институции.

Депонијата неодамна беше запалена, и од неа се ширеше густ чад и неподнослива миризба, што беше причина за протести во организација на граѓанската иницијатива „Доста е“, со барања за нејзина итна дислокација. Стружани сметаат дека ова ќе се одрази и врз туризмот во градот.

„Струга моментално дише најлош воздух што може еден човек да го дише. Тоа е воздух од депонија во која има медицински, индустриски секаков друг отпад. Да се дислоцира депонијата, тоа е прво и основно барање“, вели жителка на Струга.

„Смрди и не се дише. Решенија има, само институциите не сакаат да ги видат. Треба да мислиме и за нас и за нашите деца и што оставаме“, кажа друга жителка.

Депонијата се наоѓа веднаш до некогаш најплодното струшко поле и до индустриската зона во градот, но поради ова никој не доаѓа да инвестира во неа. Локалните власти сметаат дека проблемот не можат да го решат без државна помош.

„Бидејќи ние сме далеку од решавање со регионални депонии, средствата кои ги делиме за одржување, да го субвенционираме комуналното претпријатие во Струга и овој смет да го одлагаме во некоја соседна депонија“, вели Ардијан Демири, советник во во Градскиот совет.

Инаку, веќе неколку години се најавува изградба на современа регионална депонија, во која би се носел отпадот од неколку општини од Југозападна Македонија. Но барем засега, проектот функционира само на хартија. Сега најоптималните решенија се дека истата би можела да почне да се гради после 2020-та година. Со исклучок на депонијата Дрисла кај Скопје, сите останати депонии во Македонија работат на диво.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG