Линкови за пристапност

На 13-ти април, Македонија по петти пат избира претседател на државата

  • Борјан Јовановски

За прв пат на претседателските избори, ќе гласа и дијаспората.

Граѓаните на Република Македонија на 13-ти април по петти пат ќе избираат претседател на државата.

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница едногласно го утврди роковникот за претседателските избори. Роковникот предвидува првиот круг да се одржи на 13-ти април, а доколку не биде избран претседател, вториот круг да се организира на 27-ми април. Изборната кампања, според денешната одлука на ДИК, ќе започне 20 дена пред првиот изборен круг и ќе трае до 11-ти април, кога на полноќ стапува на сила изборниот молк. Според роковникот, листите на кандидати треба да се поднесат најдоцна 30 дена пред денот на изборите, односно до 13-ти март. Лицата кои сакаат самостојно да настапат на изборите и кои ги исполнуваат сите услови предвидени со Законот, ќе треба да соберат 10 илјади потписи во периодот од 16-ти февруари до 2-ри март. За прв пат на претседателските избори, ќе гласа и дијаспората.

„Роковникот кој што денеска на седница го донесе ДИК составен е согласно изборниот законик и најновите измени што беа консензуално донесени во Собранието на Р. Македонија“, истакна претседателот на ДИК, Никола Рилкоски, кој додаде дека јавниот увид во избирачкиот список ќе започне на 16-ти февруари и ќе трае до 7-ми март.

Новиот изборен законик беше усвоен со поддршка од најголемите политички партии во Собранието. Со овие измени, предвидена е забрана на доделување на буџетски средства за нови градби, субвенции, социјална помош и други материјални давања, освен за редовни исплати. Исто така, измените предвидуваат забрана на јавни настани за време на избори што служат за промоција на власта. Доколку овие правила бидат прекршени, предвидена е затворска казна од шест месеци до една година.

Во однос на избирачките списоци, предвидено е наместо со спреј, обележувањето при гласањето да се врши со мастило, се` додека не се обезбедат други технички услови, какви што се машините за читање на отпечатоци. Избирачките списоци, што се во процес на прочистување, се предвидува одделно да ги прикажат лицата што живеат во странство, но имаат право на глас. МВР има обврска да доставува податоци за ажурирање четири пати во годината.

Што се однесува до медиумите, тие не смеат да одделат повеќе од 12 минути во реален час платена политичка програма. До почетокот на изборната кампања, платената политичка програма е забранета. Во делот на донациите, тие се ограничуваат на 50.000 евра и во нив се пресметани и попустите за рекламирање.

МРТВ се обврзува во информативните програми да посвети една третина на настаните на денот, една третина за презентирање на активностите на владејачките партии и една третина за активностите на опозициските партии.

Собранискиот канал ќе обезбедува по три часа програма дневно за опозицијата и три часа за власта. Прекршувањето на принципот на подеднаква застапеност на Јавниот сервис повлекува оставка на директорот на МРТВ.
XS
SM
MD
LG