Линкови за пристапност

20 кривични пријави во акцијата „Шпион“

  • Синиша Станковиќ

Информациите собрани од групата ги користела разузнавачка служба на една соседна држава, тврди министерката за надворешни работи, Гордана Јанкулоска

Информациите собрани од групата ги користела разузнавачка служба на една соседна држава, тврди министерката за надворешни работи, Гордана Јанкулоска

Властите велат дека целата истрага ќе се води во тајност, бидејќи „се работи за исклучително доверлив доказен материјал“.

„Самиот факт што лицата кои добро знаеле дека класифицираните информации подлежат на специфичен режим на управување со нив, спротивно на тоа постапиле на начин што не само што не е во согласност на Законот, туку и на начин со кој биле свесни дека може да направат штета, го прави ова кривично дело само по себе дополнително сложено, иако ова е едно од најтешките кривични дела против државата“, изјави денес министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, по повод најновата акција на МВР со кодно име „Шпион“.

Министерството за внатрешни работи денес поднело кривични пријави до Обвинителство за организиран криминал против дваесет лица кои се осомничени за злосторничко здружување, злоупотреба на службена должност, шпионажа, уцени и измама.

По распитот на приведените во вчерашната акција „Шпион“ во полициска станица, двајца се пуштени на слобода, а за тројца осомничени, кои се недостапни за органите на прогон, МВР се` уште трага. Со одлука на судот, целата истрага за полициската акција „Шпион“ ќе се води во тајност, бидејќи „се работи за исклучително доверлив доказен материјал“.

МВР поднесе кривична пријава против М.Е. (52) од Скопје, поранешен вработен во Агенција за разузнавање, И.А. (55) од Скопје, вработен во Агенцијата за разузнавање, А.А. (46) oд Скопје, вработен во Агенцијата за разузнавање, З.K. (48) од Скопје, вработен во МВР – Управа за безбедност и контраразузнавање, М.З. (44) од Куманово, поранешен вработен во АРМ, Б.П.(52) од Велес, Б.Ц. (49) од Скопје, вработен во Министерството за одбрана, З.Б.(47) од Куманово, по занимање новинар со моментален престој во Р.Србија, сопственик на електронски медиум „Буревесник“, М.Н. (41) од Куманово, моментално живее во Скопје, Ј.М. (38) од Крива Паланка, Г.С. (43) од Скопје, поранешен вработен во МВР – како полициски генерал, М.М. (45) од Скопје, шеф на Кабинетот на Претседателот на Собранието на Р.Македонија, С.М. (40) од Скопје, В.С. (35) од Скопје, вработен во Државниот архив, В.Ц. (35) од Скопје, поранешен директор на Управата за финансиско разузнавање.

А.Д. (54) од Скопје, А.В.(58) од Скопје, Ц.Д. (57) од Скопје, поранешен вработен во МВР – пензионер, Ж.П. (56) од Скопје, поранешен вработен во МВР – пензионер и Т.К.(54) од Скопје, вработен во МО, кои во зависност од улогата што ја имале во злосторничкото здружение, се пријавени поради постоење на основано сомнение за разни сторени кривични дела

Министерката Јанкулоска денес изјави дека полицијата обезбедила доволно доказен материјал според кој приведените вршеле повеќе кривични дела.

„Гру­па­та располагала со податоци за политичката и за безбедносната состојба во др­жа­ва­та, изборите, за општата безбедносна состојба во државата, од аспект на можни ри­зи­ци и ескалации, програми и планови за посети и престој на високи претставници на странски разузнавачки служби, со имињата на лица што биле во посета, податоци за лица што биле опфатени во оперативни обработки, податоци за состојбите во вер­ски­те заедници, податоци кои се однесувале на вахабизмот и радикалните структури во Македонија и во Албанија и за структурите кои ги финансираат и помагаат", рече министерката, според која, доказниот материјал се собирал подолг период.

Според Јанкулоска, првоосомничениот, кој добил отказ од Агенцијата за разузнавање на почетокот на 2009-та година, со четворица од осомничените формирал злосторничко здружение кое вршело шпионажа за стекнување на имотна корист.

Пуштањето на двајца од приведените на слобода, и покрај децидниот став дека се обезбедени докази и обемна документација, министерката го објасни со правото на МВР согласно законот, „да го повика секое лице на разговор и врз основа на разговорот кој се води со конкретните лица се прави проценка, дали треба или не треба одредено лице да биде изведено пред кривичен суд заедно со кривична пријава или информациите кои ги дава при разговорот во полициска станица се доволни за да се одлучи како понатаму да се постапува“.

Јанкулоска истакна и дека информациите ги користела разузнавачката служба на една соседна држава, на која информациите и` ги пренесувал првоосомничениот преку специјални оперативни системи и техника и преку средби со одредени личности. Исто така, според полицијата, дел од осомничените обезбедувал и податоци за лица од јавниот живот и бизнис-заедницата, за да ги искористи, преку закани да изнудува пари од нив.

Иако МВР вчера официјално не го соопшти идентитетот на осомничените, нивните имиња се вртеа низ македонските медиуми: шефот на кабинетот на претседателот на Собранието, Марјан Маџовски, поранешниот полициски генерал Горан Стојков, поранешниот разунавач Аце Диневски, поранешниот директор на фирмата Бетон, Мичо Насковски, поранешниот директор на Агенцијата за спречување на перење пари, Ване Цветанов, потоа Маријан Ефремов, брат на обвинетиот велешки обвинител, уапсен во полициската акција "Ликвидација", и поранешен разузнавач, во чиј дом наводно, според порталот „Прес 24“, при претресот по повод случајот „Ликвидација“, полицијата пронашла документација за средби со странски служби и обелоденување на државни тајни и класифицирани информации, како и податоци за лица кои наводно соработувале со странски служби или собирале податоци за уценување на познати личности од политичкиот и општествениот живот во земјата.

Низ медиумите се провлекуваше и името на новинарот Зоран Божиновски, сопственик на порталот „Буревесник”, кој неколку години живее и работи вон Македонија и кој на социјалнте мрежи остро реагираше на информациите за неговата наводна инволивираност во случајот.
Откако по полицискиот распит, на слобода беше пуштен режисерот Борис Дамовски, тој денес во изјавата за медиумите рече бил испрашуван за релациите со приведените и дека со него, и покрај спектакуларноста на акцијата на специјалците во која е уапсен, главно се однесувале коректно.

Портпаролот на МВР Иво Котевски вчера изјави дека во полициската акција биле извршени претреси во домовите и помошни простории на осомничените лица од каде полициските екипи одзее 27 лаптоп и десктоп-компјутери со обемна документација за кривичните дела за кои лицата се осомничени, како и УСБ-стикови, 32 мобилни телефони и 16 парчиња огнено оружје. Котевски потенцираше дека се работи за „прва ваква акција за случај на шпионажа, не само во Македонија, туку и пошироко во регионот“.

Во првите вчерашни реакции по повод акцијата, СДСМ коментираше дека „во Македонија интензивно расте бројот на политички затвореници (...) Очигледно, власта е подготвена да ги преполни затворите со луѓето што и' се спротивставуваат. Насилнички гонат, апсат, судат и пресудуваат, лустрираат, казнуваат!“.

Опозицијата постави прашање „колкаво е злосторството на Борис Дамовски, Горан Стојков, Марјан Маџовски, Ацо Диневски и останатите уапсени лица за да бидат третирани на ваков суров начин? Режимот на Груевски не може да поднесе луѓе кои аргументирано го докажуваат криминалот на семејниот клан на премиерот. Ване Цветанов, поранешен директор на Агенцијата за спречување на перење пари, постојано јавно го прозиваше Груевски за штитење лица од неговото најблиско опкружување за проневера на милионски суми пари на граѓаните на Македонија“, стои во реакцијата на СДСМ.

Во контрареакцијата, владејачката ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека СДСМ се однесува несериозно и неодговорно кога се во прашање државните и национални интереси.

„Денешната прес-конференција на СДСМ беше шпекулација за шпекулација. Ваквото однесување на СДСМ е антидржавно. Ова не им е прв пат на СДСМ да шпекулираат и да критикуваат неаргументирано и неоправдано акции на безбедносните структури во кои што се води борба против криминалот во Република Македонија или пак, против одредени субјекти кои што на директен или индиректен начин ги загрозуваат националните интереси или пак ја доведуваат во прашање безбедноста на државата и граѓаните“, наведува ВМРО-ДПМНЕ.
XS
SM
MD
LG