Линкови за пристапност

Преговарачите ќе одмораат до 17-ти август


За изборот на специјалниот обвинител остануваат помалку од 30 дена

Претставниците на четирите најголеми политички партии од македонскиот и албанскиот блок, потписнички на т.н. Договор од Пржино, вчера преговараа за воведувањето на функцијата специјален обвинител, којшто, според протоколот, треба да биде избран до 15-ти септември, да има целосна автономија во работата и да ја спроведе истрагата за мегафаерата „Прислушување“.

Иако и понатаму нема официјални изјави од преговарачите или од европските посредници, медиумите пренесуваат коментари на дел од стручњаците според коишто изборот, ингеренциите и овластувањата на специјалниот обвинител се многу важни за надминување на длабоката политичка криза и се претпоставува дека ова ќе биде еден од жешките костени во преговарачкиот процес меѓу власта и опозицијата. Оттаму, се акцентира и

улогата на посредниците во процесот. Евроамбасадорот Аиво Орав за МТВ изјави дека „прв приоритет е спроведувањето на договорот од 2-ри јуни и од 15-ти јули.... Едно од критичните прашања е специјалниот обвинител. Специјалниот обвинител со целосна автономија треба да биде назначен до 15-ти септември. Се надевам дека партиите ќе најдат решение самите, но ако има потреба, можеме да помогнеме повторно. Второ критично прашање е датумот 20-ти октомври, кога треба да бидат назначени двајца нови министри и петмина заменици министри. Најкритично е изгледа Министерството за внатрешни работи“.

Покрај евроамбасадорот, и портпаролката за надворешна политика и безбедносни прашања на ЕУ, Маја Коцијанчич, најави помош ако е тоа неопходно. На прашањето за деталите околу функционирањето на специјалниот обвинител и варијантата за назначување на странец за специјален обвинител, Коцијанчич за скопскиот дневен весник "Вест" изјави дека „специјалниот обвинител ќе биде назначен со договор од партиите - потписнички на договорот. Партиите треба да се договорат за пристапот по кој ќе биде назначен специјалниот обвинител. ЕУ ќе обезбеди помош и советување доколку е потребно, вклучувајќи го и постоечкиот механизам за олеснување на ЕУ (работна група), но очекуваме од партиите да ги преземат неопходните чекори за соодветно спроведување на овој важен дел од политичкиот договор".

Така, за вчерашните разговори, покрај учеството на поранешниот белгиски парламентарец Питер Ванхоуте, експерт за зајакнување на институционалниот капацитет на парламентите и за создавање на парламентарна култура која ќе поддржува ефективно владеење, беше најавено и учеството на Џејмс Хамилтон, независен правен консултант, претставен во медиумите како експерт „со екстензивно искуство од областа на прашањата од обвинителската материја на меѓународен план“. Тие ќе треба да им ја олеснат работата на претставниците на македонските партии, особено поради тоа што дел од домашните експерти најавија дека на новиот специјален обвинител ќе му биде неопходна едногласна поддршка.

Поранешниот јавен обвинител Стеван Павлески во медиумите изјави дека „го жали човекот кој ќе дојде на оваа позиција“, но потенираше и дека „ако ги добие сите потребни средства, истиот може да биде предмет на светска слава“.

Водачот на опозицијата Зоран Заев во интервју за „Фокус“ потенцираше дека дека очекува целосна независност, обезбедени кадровски, просторни и технички услови за специјалниот обвинител. „Имајќи предвид со каков обем на материјал ќе се справува, ќе мора да има свој тим. Затоа се враќаме на 1 септември во собрание, а обвинителот го избираме најдоцна на 15-ти. Во тие 15 дена ќе се подготви и изгласа законското решение за негова целосна автономија. Од успехот на ова решение и домашната и меѓународната заедница ќе може да видат дали чекориме кон независни правосудни институции“.

Со оглед на фактот дека посредникот Ванхоуте најави дека работната група ќе работи уште денес и дека потоа ќе замине на двонеделен одмор се` до 17-ти август, за изборот на специјалниот обвинител остануваат помалку од 30 дена.

XS
SM
MD
LG