Линкови за пристапност

Обвинителите не ја прифаќаат аболицијата на Иванов и продолжуваат со истраги


VOA Macedonian
VOA Macedonian

Паралелни прес-конференции на СЈО и на експремиерот Груевски

„Во името на сите јавни обвинители од ова Специјално јавно обвинителство што беа аболирани, ве известувам дека јавните обвинители не ги прифаќаат аболициите од Претседателот“, потенцираше на денешната прес-конференцијата портпаролката на СЈО, Ленче Ристовска. Според неа, одлуката на претседателот Ѓорге Иванов, претставува грубо кршење на индивидуалните права на јавните обвинители, кои Иванов „ги става во ист кош со лица за кои обвинителите имаат докази што упатуваат на сериозни сомненија што упатуваат на кривично дело“ и со тоа, Иванов директно влијае врз честа и угледот на специјалните обвинители.

Ристовска рече дека е во тек анализа, во колкав обем од податоците со кои претседателот располагал, биле јавно објавени, а колку од нив се доверливи податоци од предистражни постапки, и дека откако ќе завршат со анализата, „доколку утврдиме дека вакви доверливи информации се објавени, ќе преземеме соодветни активности, тие лица да сносат соодветна одговорност“.

Според Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, СЈО ќе продолжи да работи за да ги заштити интересите на граѓаните на Република Македонија. За досегашната ефиканост на СЈО, според Јанева, сведочат покренати пет истражни постапки за вкупно 36 лица.

„Почитуваниот претседател Иванов ќе има многу работа бидејќи ние имаме намера да покренуваме многу, многу истраги во врска со сите прислушувани разговори и за финансиски истраги“, рече Јанева, според која од 2008 до 2015 година, од Буџетот во приватни џебови се одлеани голема сума пари.

Јанева потенцираше дека никој не може да ја задржи непосредната и посредна имотна корист прибавена со кривично дело, дека Република Македонија е потписник на најзначајните меѓународни инструменти како Конвенцијата од Палермо од 2000 година, или Стразбуршката и Варшавската конвенција на Советот од Европа и дека СЈО, „интензивно продолжува и покрај другите, и со финансиски истраги, со цел незаконски стекната и стекнатата имотна корист да се врати во Буџетот, односно на граѓаните на Република Македонија“.

СЈО продолжува со својата работа со новата истрага под наслов „Транспортер”, која се однесува на превоз на ученици во Општина Битола, односно, како што рече, обвинителката Фатиме Фетаи, која зборуваше на македонски, на албански и на турски јазик дека Општина Битола, за време на мандатот на градоначалникот Владимир Талески, „плаќала поскап превоз за учениците од оној во Токио“.

VOA Macedonian
VOA Macedonian

Истовремено со претходно најавената прес-конференција, ненадејно се одржа и средба со новинарите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Тој потенцираше дека неговата партија, силно се оградува од одлуката на претседателот Иванов, но, не се сомнева во неговите добри намери, ниту во законитоста на постапката. Според него, „никој во ВМРО-ДПМНЕ не се чувствувал виновен и затоа не сакале да има прекин на постапките, но оти со одлуката за аболиција на политичарите, Иванов му помогнал на СДСМ“.

Тој го обвини СЈО за непрофесионално однесување и заземање страна во корист на СДСМ, тврдејќи дека кривичните пријави против функционерите на ВМРО-ДПМНЕ и отворените истраги се дел од кампањата на СДСМ. Груевски го обвини и опозицискиот СДСМ дека негов интерес е во Македонија „да има анархија, да има безредие и хаос“, а лидерот на опозицијата Зоран Заев, дека „организира хулигани“ и дека има „една и единствена цел – да дојде на власт без поддршка на мнозинството граѓани на Македонија“.

„Додека стојам, нема да ти го дозволам тоа“, му порача Груевски на Заев, и го повика да собере храброст и да излезе на избори. Обвинувајќи го СДСМ и „соросовите здруженија и невладини организации“, Груевски рече дека за разлика од нив, ВМРО-ДПМНЕ се фокусира кон подобрата иднина на народот.

XS
SM
MD
LG