Линкови за пристапност

Заменик министер предизвикал две „сообраќајки“ и избегал

  • Синиша Станковиќ

На социјалните мрежи во вжештена за-против атмосфера, се развија и полемики за моралниот лик на просечниот македонски носител на власта, личната отчетност и одговорност, но и лицитирања за должината на затворската казна која му се заканува на заменик министерот, ако се докаже вина за редицата кривични дела

Министерката за труд и социјална политика Фросина Ташева-Ременски (СДСМ) побара итна оставка од дополнителниот заменик министер Диме Спасов (ВМРО-ДПМНЕ). „Тој постапил неодговорно за функцијата што ја извршува… и избегал на полицијата и ја спречил полицијата за утврдување на неговата психофизичка состојба, а потоа, поттикнал друго лице, вработено во Министерството, но не како негов возач, да ја преземе одговорноста“, изјави таа за инцидентот во ноќта меѓу петокот и саботата, кога Спасов предизвикал две сообраќајни несреќи.

Во официјалното соопштение на Министерството за внатрешни работи се вели дека на 28 октомври во 23:20, лицето Д.С. „по предизвиканата сообраќајна незгода не застанало, туку се дало во бегство“, при што „предизвикало и втора сообраќајна незгода“ и повторно, без да застане, продолжило да вози, се додека не било сопрено од полициска патрола. Според полицискиот извештај, „Д.С. на полицискиот службеник му кажал дека тој го управувал возилото“, но за време на утврдувањето на идентитетот на неговата сопатничка, Д.С. „разговарал на мобилен телефон и се оддалечил од возилото на неколку метри, по што со трчање се дал во бегство“.

Инцидентот кој два дена е топ-тема во македонските медиуми, но и пошироко на Балканот, и особено на социјалните мрежи, стана предмет и на политички престрелки меѓу власта и опозицијата.

Спасов кој според полицијата избегал од местото на несреќата и дал изјава во полициска станица дури 20-тина часови по инцидентот, најпрвин на својот ФБ- профил им се закани на порталите кои ја објавија веста, за откако во соопштението на МВР излезе дека лицето кое дополнително дошло на местото на несреќата, да изјави дека тоа возело, „недоволно ги познавало околностите под кои се случени сообраќајните незгоди, што наведува на заклучок дека тоа не го управувало возилото’, заменик-министерот да соопшти дека, всушност, бегал од лицата на кои во првиот инцидент им го оштетил возилото. Според Спасов, се работело за етнички Албанци, „познати осуденици за повеќе дела“ и тој поднел кривична пријава против нив.

Паралелно, неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, ја обвини опозицијата за предизборни манипулации, тврдејќи дека „СДСМ нема што да им понуди на граѓаните. Затоа централната тема на СДСМ на 40-дена пред избори е сообраќајна незгода со материјална штета од 150 евра... Затоа од СДСМ нема одговор кои се лицата кои го следеле заменик министерот Диме Спасов. Затоа од СДСМ нема одговор што е преземено против овие лица“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Ваквите ставови на младиот министер Спасов и на владејачката партија предизвикаа бурни реакции, како поради официјално непотврдената алкохолизираност на Спасов – по долгата пауза од инцидентот до пријавувањето во полицијата, не е правен алко тест, неговото бегство од полицијата, оставањето на сопатничката во возилото и обидот негов подреден да ја преземе одговорноста, така, уште повеќе, за реалноста во само дефинирањето на ВМРО-ДПМНЕ како демохристијанска партија која ги почитува традиционалните, семејни вредности, за обидот да се забошоти случајот преку обвинување на опозицијата и играњето на етничка карта во чувствителното предизборие.

На социјалните мрежи во вжештена за-против атмосфера, се развија и полемики за моралниот лик на просечниот македонски носител на власта, личната отчетност и одговорност, но и лицитирања за должината на затворската казна која му се заканува на заменик министерот, ако му се докаже вината за редицата кривични дела.

Засега, од МВР најавуваат почитување на процедурата, споредување на изјавите на сите учесници и очевидци на настанот, и покренување на соодветни пријави. И покрај прозивките, Спасов не поднесува оставка, а од Владата излегоа со став во медиумите дека „институциите кои имаат надлежност на темата, треба да ги завршат своите дејствија, за потоа да заземеме став за случајот. Дотогаш, апелираме на воздржување од дезинформации и погрешни толкувања, имаме целосно внимание на темата“.

Носителите на функции, особено министри, во независна Македонија ретко поднесуваат оставки. Понудени и неприфатени оставки имаа министер за внатрешни работи по атентатот врз претседателот Глигоров, и министер за транспорт и врски, по бродската несреќа во Охридското Езеро, со бројни жртви, странски туристи. Прифатени беа оставките на министер за транспорт и врски по двете авионски несреќи во деведесеттите години, со исто така, бројни жртви, како и на министри за внатрешни работи, за транспорт и врски и директор на УБК, минатата година, по објавувањето на „бомбите“ на опозицијата по скандалот со прислушувањето.

XS
SM
MD
LG